Вујовиќ: Со 3.000 навивачи на трибините, Македонија ќе ја победеше Австрија!

Репрезентацијата на Катар е следен ривал на Македонија на Мундијалот во Хрватска, Данска и Норвешка.

Селекторот на Катар, Веселин Вујовиќ, по мечот со Холандија, кој неговата репрезентација го загуби со гол во последната секунда, се осврна на атмосферата на трибините во „Вараждин Арена“.

„Кој има корист од тоа да се игра во празни сали? Дали македонските навивачи беа недисциплинирани во некоја мера? Можеби, но не можете да казните една репрезентација, една цела земја со тоа што ќе ги зголемиш цените на билетите и ќе ги „исфрлиш“ од сала. На крајот на краиштата, натпреварите се играат поради навивачите. Ќе беше сосема друг амбиент да имаше 3.000 Македонци на трибините, сметам дека Македонија ќе ја победеше Австрија“, изјави Вујовиќ.

Последниот дуел на Вујовиќ против Македонија датира од ЕП 2018, кога ја водеше Словенија и кога загуби на средбата во Загреб.

„Очекувам реванш (се смее). Посакувам само да има добар натпревар и сакам да ги видам новите македонски репрезентативци на дело, како ќе се снајдат против некои тактички замисли и против искусните катарски репрезентативци“, заврши Вујовиќ.

Натпреварот меѓу Македонија и Катар се игра утре во „Вараждин Арена“ со почеток во 15:30 часот.