АНАЛИЗА СП 2025 МАКЕДОНИЈА – ГВИНЕЈА: Новата генерација предводена од Лазаров во најдобро светло досега

На крајот на прелиминарната рунда, сега, кога се смирија страстите, може да бидеме задоволни од играта на Македонија, од желбата, мотивираноста, тактичката поставеност...

Очекувана, рутинска победа на репрезентацијата на Македонија во последниот натпревар од прелиминарната рунда против Гвинеја на Светското првенство. Селекторот Кирил Лазаров со изјавите пред натпреварот дека ги очекува тежок дуел се обидуваше да го задржи фокусот на своите избраници, но и покрај тоа влеговме немотивирано и лежерно во натпреварот. Во првите 20 минути, противникот кој е далеку тактички, технички и физички под нас одржуваше егал. Единствено капитенот Кузмановски играше капитенски и нè држеше во натпреварот. Кога и Кизиќ влезе во елемент набрзина работите дојдоа на свое место.

Сигурно на полувремето било жестоко во соблекувалната затоа што нашите играчи во вториот дел излегоа на теренот како што играа против Унгарија и Холандија и за пет – десет минути направија голема разлика. Добро е што на овој меч се одмори Митев и уште неколкумина клучни играчи добија помала минутажа. Лазаров направи поголема ротација, се пробаа и други варијатни во ситуација шест на пет што беше проблем на другите натпревари. Се разиграа и другите, и најважно од сè е дека во главната рунда влегуваме здрави и одморени.

На крајот на прелиминарната рунда, сега, кога се смирија страстите, може да бидеме задоволни од играта на Македонија, од желбата, мотивираноста, тактичката поставеност…Останува жал што и покрај одличната претстава против Унгарија и 50-минутната егал претстава со Холандија не пренесуваме уште некој бод во главната рунда. Ова е најдоброто издание на новата генерација на репрезентативци предводена од Лазаров на големите натпреварувања.

Македонија десет години на СП нема победа против европска селекција, а сега имаме одлична шанса да го поправиме тоа веќе в вторник кога се соочуваме со Австрија во првото коло од главната рунда. Австријците на ова првенство играат без главниот бековски тандем Божовиќ – Билиќ, а сега останаа и без десниот бек Живковиќ, кој се повреди, и со тоа се дополнително лимитирани. За нас се отвора голема шанса за триумф над европска репрезентација. Сметам дека сме поквалитетни од „стариот“ и „истрошен“ Катар предводен од ветераните Марковиќ и Капоте и се надевам на две победи во вторник и четврток. За крај на главната рунда в сабота – уште еден ракометен спектакл против апсолутниот фаворит Франција.

Навиваме со срце и душа за Македонија! Нè очекува уште една богата ракометна седмица!