Норвежаните се уште во шок – бараат оставка од селекторот!

По поразот од Бразил на отворањето на СП, еден од домаќините Норвешка, запиша пораз и од Португалија, и без бодови оди во главната рунда, а тоа значи дека шансите за четвртфинале се сведени на теорија.

Норвешката јавност реагира дека словенечките судии Лах и Сок не им признаа еден гол во првото полувреме при резултат 4-3 за скадинавската селекција. Ударот на Грондал заврши во мрежата зад грбот на Капдевил, но судиите не го признаа, иако топката беше најмалку половина метар во мрежата.

Покрај тоа, норвешките медиуми се занимаваат и со грешките на селекторот Јонас Виле, кој се најде на мета на стручните аналитичари и навивачите, кои бараат одговорност и оставка.

Најдалеку отиде некогашниот дански репрезентативец, Јоаким Болдсен, кој ја повика норвешката федерација да бара нов селектор.

„Луѓето нека мислат што сакаат, но постои само едно решени. Можеме ние да мислиме дека Виле е фантастичен и добар човек, тоа и навистина е, но репрезентацијата не се движи во насоката во која сакаат федерацијата, играчите и навивачите. Нешто ново мора да се случи веднаш, штом заврши СП“, изјави Болдсен.

Норвешките новинари го прашаа селекторот дали смета дека е вистинскиот човек за кормилото на националниот тим.

„Немам потреба да ја бранам својата позиција. Не гледам смисла во убедување на луѓето дека сум добар тренер. Луѓето можат да мислат што сакаат. Ако играчите и оние што ме ангажираа и понатаму веруваат во мене, ќе ја продолжам својата работа“, изјави Виле.

Норвежаните во главната рунда ќе вкрстат со селекциите на Шпанија, Шведска и победникот од дуелот меѓу Јапонија и Чиле.