Секретарот на РФМ се пожали – немаше простор за пушење!

Раководството на РФМ иако патува на релација Загреб – Вараждин и од ВИП седиштата во салата ги следи мечевите на Македонија своите размислувања ги споделува преку социјалните мрежи. Досега ниту еднаш некој од раководните лица на федерацијата немаше директна средба со македонските новинари, макар и краток брифинг да ги извести за тоа колку се задоволни од досегашната игра, од сместувањето, какви се очекувањата и како се справува репрезентацијата со разните предизвици што ги има.

Генералниот секретар Филип Милошевски сепак ги користи социјалните мрежи. За време на СП во Вараждин, имаше две објави. Последната објава на Милошевски беше поврзана со засилените мерки на безбедност во салата пред мечот со Гвинеја. Се пожали на тоа дека:

Имало само еден влез во салата кој бил активен, дека жените и децата најгрубо биле претресувани од нервозни редари…. и секако можеби и најважно дека немало простор за пушење, и ако сте сакале да излезете назад сте морале пак кај редарот да одите на главниот влез.

Сепак не се огласи откако ИХФ ги објави најавените мерки на безбедност за влез во салата, ниту пак ги повика навивачите да ги почитуваат, ниту пак кажа што ќе биде тоа забрането. Ниту пак од РФМ потврдија дека се казнети за постапките на навивачите и што ќе направат во врска со тоа? Иако како Федерација сите информации ги добиваат навреме од ИХФ. А секако требаше да упати апел за тоа што е најавено од организаторот и да препорача како да се однесуваат навивачите.

Такви објави немаше за женската ракометна репрезентација која во ноември лани настапи на ЕП во Дебрецен, а тој на лице место со придружба ги следеше натпреварите.
Можеби ќе ни каже и зошто РФМ не се жалеа официјално после мечот со Холандија, а најавија?