По одличниот натпревар против Унгарија и злато вредниот бод, 27-27, за македонската репрезентација претстои втор мундијалски предизвик – селекцијата на Холандија.
Селекторот Кирил Лазаров вели дека само со позитивна мислам може да се оди напред и треба комплетен фокус на „лалињата“.
„Треба да бидеме навистина задоволни, нема за што да жалиме, треба да го заборавиме тоа и со позитивна мисла да одиме напред. Треба да бидеме свесни дека и покрај добриот резултат, кој можеше да биде уште подобар и добрата игра, да не бараме леб преку погача, треба да бидеме задоволни, треба да се фокусираме на она што ни следува, а тоа е денешниот меч против Холандија“, вели Лазаров.
Холандија е различна селекција од Унгарија.
„Унгарија е поцврста репрезентација, но Холандија е селекција која помалку ни одговара според стилот на игра, затоа што игра брз ракомет и ист ритам 60 минути. Нашите момци имаат добра атмосфера, имаат добра самодоверба, имаат поддршка од нашите фанови кои ќе бидат во уште поголем број и треба да го искористиме тоа, да се чувствуваме како дома и да го дадеме нашиот максимум. Холанѓаните се апсолутни фаворити без разлика на нашиот резултат вчера, тоа го прифаќаме и само со максимална мотивација, сплотеност и борбеност ќе пробаме да им парираме“, продолжи Лазаров.
Дуелот со Унгарија е веќе архивиран.
„Имаме добра атмосфера, со ракометарите разговаравме многу, кај нив се чувствува едно мало незадоволство од пропуштеното, но како поминуваше денот го сфатија тоа. Имаме ние играчи кои победувале големи натпревари, но исто така и губеле. Имаме ракометари од Вардар, Пелистер, Алкалоид каде што имале и болни порази и победи во европски натпревари, па ја имаат поминато таа бариера ако постои. Се надевам дека тоа нема да се одрази“, продолжи Лазаров.
Можеби еуфорично, македонскиот селектор по мечот со Унгарија ги спореди актуелните бекови со триото Мојсовски, Миркуловски и Лазаров, но уште потенцираше дека е задоволен од нивниот настап.
„Можеби еуфорично ги дадов тие комплименти, но навистина бев задоволен од бековите од нивната претстава, но не можам да ја заборавам ни одбраната на чело со Митревски и ангажманот што го дадоа во таа одбрана со таа подвижност во таа борба со тешките бекови и пикери на противникот, тешка артилерија. Но морам уште еднаш да кажам дека бековската тројка потсети на старите добри времиња, додуша они со една поголем брзина, ние игравме поспоро, но посигурно. Задоволен сум и од помладите, кај нив има талент, но притисокот е голем, не им е лесно. Не сакам да ги ‘изгорам’, но од друга страна треба да бидат свесни дека треба да бидат најмалку на едно коректно, солидно ниво и ќе го покажат тоа со текот на првенството“, вели Лазаров.
Тој вели дека со помош на навивачите имаме шанси и против Холандија.
„Би бил задоволен да се бориме, најважно ми е да се бориме, да не гледаме во резултат, да изгинеме 60 минути, да направиме кохезија со нашата Фаланга и само така ќе имаме шанси“, заврши Лазаров.
Натпреварот меѓу Македонија и Холандија се игра вечерва во „Вараждин Арена“ со почеток во 18:00 часот.