Лазаров: Унгарија нема слаба точка, но веруваме во позитивен резултат

Машката репрезентација на Македонија денеска го стартува настапот на Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка.

Селекторот на Македонија, Кирил Лазаров, во играчката кариера играше за Веспрем, добро ги познава условите таму, но и играчите кои настапуваат во националниот тим.

Унгарскиот селектор Чема Родригез има комбинација на младост и искуство, а Лазаров смета дека тешко може да се најде слаба точка.

„Унгарија е сериозна ракометна сила, со богата традиција и високо квалитетни играчи. Нивните репрезентативци главно настапуваат за две од најдобрите екипи во Лигата на шампиони. Под водство на селекторот Чема Родригез, нивната репрезентација постојано напредува и е исклучително добро организирана. Тешко е да се каже дека имаат слаба точка, бидејќи се многу комплетен тим. Сепак, веруваме дека со дисциплинирана игра и максимален ангажман, можеме да се надеваме на позитивен резултат”, изјави Лазаров.

Натпреварот меѓу Македонија и Унгарија се игра вечерва во „Вараждин Арена“ со почеток во 20:30 часот.