Елитното друштво се зголеми – Мастер Коуч лиценци за Новеска, Арсениевска, Кузмановска, Лембанов…

На семинарот што се одржа во Србија, во организација на Европската ракометна федерација и Ракометниот Сојуз на Србија, покрај тоа што се обновуваа Мастер Коуч лиценци, се одржуваа и предавања во рамките на третиот Модул од патот кон стекнување на највисоката тренерска лиценца.

На овој семинар беа присутни повеќе тренери од Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Данска, Португалија…а меѓу нив и неколку кои работат во Македонија.

Станува збор за Алексо Лембанов, кој е дел од стручниот штаб на шампионот Еурофарм Пелистер, предводничката на Скопје, Андријана Будимир, потоа Анжела Платон која го води Вардар, Александра Кузмановска од Металург РА, која работи и во Вардар, Мери Арсениевска од младинските категории на женскиот тим на Металург, како и Марија Папуџиева и Даниела Новеска, кои работат во младинските категории на Вардар.

Тие го завршија и третиот Модул, имаа шанса да го бранат својот труд пред комисијата и можат да се пофалат со стекнатите Мастер Коуч лиценци.

Меѓу другите на семинарот во Србија беше и некогашниот македонски репрезентативец Ристо Арнаудовски, кој работеше во хрватскиот тим Зрињски Чаковец, потоа екс голманката на Кометал Ѓорче Петров, Бранка Јовановиќ, хрватскиот стратег Силвио Ивандија…