Познат е терминот за најголемото дерби – еве кога Вардар ќе гостува во Битола!

Најголемо внимание претстојниот викенд ќе привлече големото дерби на македонскиот ракомет меѓу шампионот Еурофарм Пелистер и Вардар.

Битолчани го закажаа натпреварот за в сабота на 14 декември од 18:00 часот, а салата „Боро Чурлевски“ сигурно ќе биде претесна да ги собере сите љубители на ракометот.

Формата на битолчани е во нагорна линија, ја совладаа Висла Плоцк во Лигата на шампионите, но и вардарци покажуваат напредок по доаѓањето на новиот стратег.

На првата пресметка во Скопје оваа сезона, кога на клупите седеа Владо Недановски и Бранко Ангеловски, славеше составот на Вардар со 27-24.

На табелата лидер е „сино-белиот“ тим од Автокоманда, втор е Вардар со 26 бода, додека шампионот Еурофарм Пелистер има 24 бода на третото место.