Ракометарите на Вардар во натпревар од 14. коло од Супер лигата одиграа како на тренинг против Радовиш, триумфираа со 33:12 и дојдоа до 13-ти триумф во новата натпреварувачка сезона.
Свој камбек на терените во редовите на „црвено-црните“ имаше кружниот напаѓач Милан Лазаревски. Победникот на натпреварот беше решен уште во првата пoловина од првиот дел кога домаќините дојдоа до предност од 10:3.
Вардарци немаа проблеми да го довршат полувремето, одиграа рутински и на пауза заминаа со плус десет, 19:9. Гостите во двете полувремина одвреме-навреме доаѓаа до реализација и поради силата и квалитетот на домаќинот, знаеа дека ги чека висок пораз.
Избраниците на Милано одиграа уште подобро во вториот дел, во кој примија само три гола, а постигнаа 14.
Најефикасен во таборот на Вардар беше Хансер Родригез со седум гола, пет имаше Стефан Петриќ, а четири додаде младинскиот репрезентативец Марио Стојановски.
Здравко Постолов, Васе Петров, Филип Трајанов и Иванче Ончев имаа по две реализации за гостите.