Акснер: Имаме почит кон Македонија, се надевам дека ќе ги освоиме двата бода

Репрезентацијата на Шведска е еден од ривалите на Македонија на ЕП 2024, кое стартува утре, а ќе се игра до 15 декември.

Шведска на Европското првенство ќе се обиде да го освои првото место во групата, да одигра одлично во главната фаза и потоа да се бори за висок пласман на континенталниот собир.

Селекторот на Шведска, Томас Акснер, вели дека главната цел на скандинавската селекција на ова ЕП ќе биде борба за медал.

,,Имаме големи очекувања, секако. Завршивме четврти на Олимпијадата, бевме многу блиску до финалето. Знаеме дека имаме многу тежок натпревар против Унгарија во второто коло од групната фаза. Секако дека имаме зацртани цели за ова ЕП. Сега сакаме да имаме медал, но знаеме дека Норвешка, Франција и Данска ги имаа медалите на последните првенства и тие се многу силни репрезентации и со нас, Унгарија, Германија, како и Холандија, има многу силна конкуренција за високите места”, изјави Акснер.

Тој додаде дека неговите избранички максимално ќе влезат на натпреварот против македонската репрезентација.

,,Знаеме дека сме силен тим и знаеме дека можеме да играме на високо ниво. Ние имаме респект кон Македонија, но на крајот се надеваме дека можеме да ги освоиме двата бода“, вели Акснер.

Една од поискусните во Шведска, левиот бек Јасмина Робертс, вели дека со нетрпение го очекуваат стартот на ЕП.

,,Очекувам одлично да го започнеме натпреварувањето. Секогаш е забавно да се игра на Европското првенство, има одлична атмосфера и со нетрпение го очекуваме првиот натпревар”, изјави Робертс.

Утрешниот натпревар меѓу Шведска и Македонија ќе се одигра со почеток од 20:30 часот.