Костов: Победата над Радовиш е добра увертира за натпреварот против Бутел

Ракометарите на Охрид им се вратија на победничките патеки, oткако на домашен терен и со комбиниран состав го совладаа последнопласираниот тим во Супер лигата, Радовиш, со убедливи 43-21.

Членот на Охрид, Наум Костов, кој одигра одлично и во мрежата на гостите постигна седум гола, ја коментираше високата победа.

,,Секако дека секогаш може подобро, денес одигравме еден добар натпревар против послаб ривал, не го потценивме во ниту еден момент, влеговме одлично, константно одржувавме солидна предност и се надевам дека ова е една добра увертира за натпреварот следната недела во Скопје против Бутел”, изјави Костов.

Тренерот на Радовиш, Спасе Ѓорѓиев, истакна дека поразот е очекуван, а неговиот тим останува да стекнува искуство до почетокот на плеј-аут фазата.

,,Резултатот е очекуван, Охрид беше голем фаворит, ние сме млада екипа, се соочуваме со неколку проблеми, настапивме без два клучни играчи – Петар Стојановски и капитенот Здравко Постолов. Играчите одиграа колку што можат, колку што беа можностите без тренинзи. Им честитам на Охрид и им посакуван успех во плеј-офот, а на нас ни останува да се подготвуваме за плеј-аутот и да ја оствариме нашата цел – опстанок во Супер лигата”, изјави Ѓорѓиев.

Охриѓани со новите два бода го зголемија бодовното салдо, сега имаат 18 бода, исто колку што има и актуелниот шампион Еурофарм Пелистер, кој денеска игра против Тиквеш.

Охрид ја наполни мрежата на Радовиш