Црна Гора со победа се загреа за ЕП, Норвешка одигра само реми со Данска

|
21:38

Репрезентацијата на Црна Гора славеше против Словенија со 29:28 во пријателски натпревар како дел од подготовките за настап на ЕП 2024.

Словенија, која е предводена од екс селекторот на Црна Гора, Драган Аџиќ, на полувреме имаше предност од 15:11, а во 43 минута плус седум, 23:16.

Избраничките на Сузана Лазовиќ во последниот период успеаја да направат целосен пресврт, постигнаа дури 13 гола, додека составот на Аџиќ само пет гола.

Најефикасна кај Црна Гора беше Милена Раичевиќ со седум гола, а ја следеше Ивона Павичевиќ со гол помалку – шест.

Двете репрезентации во текот на утрешниот ден ќе одработат заеднички тренинг.

Во рамки од првото коло од Златната лига, Холандија убедливо славеше над Романија со 41:26 (22:14), додека Норвешка, која на ЕП ќе ја брани титулата, одигра реми со Данска, 27:27 (12:15).

📷 Дојде од преку океанот: Мексиканец го гледаше омилениот Вардар за првпат во живо!

Автор: Душко Андов
| 24 ноември 2024
22:03

Вардар славеше против „сино-белите“ од Автокоманда со 29-27 и му се одмазди на тимот на Кире Лазаров за првиот пораз оваа суперлигашка сезона.

На трибините во СЦ „Јане Сандански“ меѓу другите навивачи беше присутен и Хозе Мата, Мексиканецот кој стана познат откако поради големата љубова кон Вардар основаше и клуб со истото име – Вардар Мексико.

Мата го формираше клубот во 2017 во градот Монтереј, а сега мина повеќе од 10.000 км, за првпат допатува во Македонија и за првпат следеше натпревар во живо на неговиот омилен клуб.

„За првпат сум во Македонија и за првпат гледам натпревар на мојот омилен клуб Вардар во живо“, изјави Мата за 24Ракомет.

Мексиканецот е импресиониран од атмосферата во СЦ „Јане Сандански“.

„Навистина ми се допаѓа страста на навивачите и тоа како го бодрат клубот за време на целиот натпревар“, вели Мата.

Дресовите на клубот што го формираше Мата – Вардар Мексико се практично исти како оние на македонскиот Вардар.

„Кога Вардар ја освои Лигата на шампионите во 2017 година, тоа беше инспирација за нас. Откако станаа победници, клубот стана многу популарен и ние научивме многу за него, за неверојатните фанови и за прекрасната држава Македонија. Се вљубивме во Вардар и ова беше причината да го создадеме Вардар Мексико. Со тоа што и вторпат во 2019 година Вардар ја освои ЛШ, уште повеќе си го зацврсти местото меѓу најдобрите светски клубови“, изјави пред неколку години Хозе Мата Гомез, основачот на Вардар Мексико.

Познат ростерот на Швајцарија – на ЕП со ветеранката Бруш, ќе играат Шмид, Еменегер, Гаучи…

Автор: Душко Андов
| 22 ноември 2024
10:43

Селекторот на женската репрезентација на Швајцарија, Кнут Ове Јоа, ги одреди 18 ракометарки што ќе играат на домашното ЕП.

Капитенката Керстин Кундиг се враќа во ростерот откако ги пропушти претходните две акции во септември и октомври. Покрај Кундиг, на списокот на Јоа има уште осум интернационалки, а меѓу нив е и пикерот со славно презиме – Табеа Шмид од данскиот Копенхаген.

Тука е 40-годишната голманка Мануела Бруш, па младата Миа Еменегер од норвешкиот Кристијансанд, Дафне Гаучи…

Швајцарките ќе одиграат две контролни средби со селекцијата на Исланд, денеска и в недела.

Домаќинот на ЕП е во група со Фарски Острови, Данска и Хрватска, и ќе има шанса за прогрес во главната рунда.

ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: Вардар по одмазда против „сино-белите“ од Автокоманда

Автор: Редакција
| 24 ноември 2024
10:00

Денеска со натпреварот меѓу Вардар и третопласираниот тим од минатата сезона ќе биде комплетирано 12. коло во суперлигашката конкуренција.

На првиот натпревар, кој беше одигран во Автокоманда, составот предводен од Кире Лазаров триумфираше со три гола разлика, 33:30.

Вардарци со евентуална победа ќе дојдат до 22 бода на свое конто и ќе се израмнат на табелата со „сино-белите“.

За Вардар денешниот натпревар ќе биде и добра подготовка за Мелсунген, против бундеслигашот „црвено-црните“ ќе го имаат последниот меч на европска сцена.

Ќе се играат и два меча од Првата лига, а настапи низ Европа ќе имаат и дел од македонските интернационалци.

Женските репрезентации денеска ги имаат последните контролни натпревари пред стартот на ЕП.

ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ:
12:30 ВАЉАДОЛИД – ВИЛА ДЕ АРАНДА (АСОБАЛ)
13:30 НОРВЕШКА – РОМАНИЈА (ПРИЈАТЕЛСКИ)
14:00 ШВЕДАКА – ПОЛСКА (ПРИЈАТЕЛСКИ)
14:30 МЕТАЛУРГ РА – АСТРАИОН (МАКЕДОНИЈА)
15:00 ХАМБУРГ – ЕРЛАНГЕН (БУНДЕС)
16:00 ДАНСКА – ХОЛАНДИЈА (ПРИЈАТЕЛСКИ)
16:00 ШАРТ – ПСЖ (ФРАНЦИЈА)
16:30 ФУКСЕ – ШТУТГАРТ (БУНДЕС)
16:30 ШПАНИЈА – ЧЕШКА (ПРИЈАТЕЛСКИ)
18:00 УКРАИНА – УНГАРИЈА (ПРИЈАТЕЛСКИ)
19:00 НАНТ – ЕКС АН ПРОВАС (ФРАНЦИЈА)
19:00 ВАРДАР – АЛКАЛОИД (МАКЕДОНИЈА)
19:00 ФРАНЦИЈА – АНГОЛА (ПРИЈАТЕЛСКИ)
19:00 ДРАЧЕВО – ПРЕСПА ВАРДАР (МАКЕДОНИЈА)
20:00 ХОЛСТЕБРО – ЕСБЈЕРГ (ДАНСКА)

Загреб донесе десен бек

Автор: Душко Андов
| 23 ноември 2024
14:00

Босанскиот десен бек Недим Хаџиќ е најновото засилување за хрватскиот првак Загреб, пишува „Германијак“.

Хаџиќ доаѓа во хрватската престолнина на местото на Михајло Радојковиќ, кој не ги исполни очекувањата на раководството и најверојатно ќе го засили Партизан.

Станува збор за актуелен репрезентативец на Босна и Херцеговина, кој пред сениорската ги мина и сите младински селекции на оваа држава.

Со Загреб треба да потпише договор до летото 2026 година и да биде поддршка за Лука Ловре Кларица.

Хаџиќ пред Борац настапуваше за Маглај, а значаен дел од кариерата мина во Германија каде беше дел од Софлинген, Штутгарт, вториот тим на Вецлар и Ратинген.

Поглед кон списокот за СП 2025 – „Македонија од Автокоманда“, тројца „странци“, осум пикери…

Автор: Редакција
| 22 ноември 2024
11:27

Селекторот на машката репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, минатата недела го објави поширокиот список за настапот на Светското првенство 2025 година во Хрватска, Данска и Норвешка. На списокот има 35 ракометари, нема поголеми изненадувања во однос на претходните списоци, а меѓу нив се друи 32 што настапуваат во македонското првенство и само тројца интернационалци – Филип Талески од Бенфика, Мартин Томовски од Потсдам и Мартин Карапалевски од Ваљадолид.

Има дури 15 повикани ракометари од тимот на Алкалоид, кој го предводи селекторот од клупата, а од играчкиот кадар на овој тим, во националниот тим не се само ветеранот на голот, Благојче Трајкоски, Kостадин Петров кој се уште се враќа во форма по повредата, повредениот Дамјан Митев, како и странците Бинго и Да Силва. Од актуелниот шампион Еурофарм Пелистер доаѓаат девет ракометари, додека од Вардар на списокот има петмина. По еден ракометар доаѓа од Охрид, Еурофарм Пелистер 2 и Бутел Скопје.

На голманската позиција нема изненадувања и очекувано на списокот се најдоа Никола Митревски, Иван Галевски, Марко Кизиќ и Мартин Томовски. На СП 2025 сосема извесно ќе патуваат тројца голмани, а дали и овојпат како и во квалификациите за ЕП 2026, Лазаров ќе ја избере младоста пред искуството, останува да видиме.

Меѓу левите крила одамна го нема Дејан Манасков, па на списокот се најдоа Петар Атанасијевиќ, Цветан Кузманоски и искусниот Гоце Ојлески. Сигурно на поширокиот список требаше да има место за Димитар Димитриоски, кој со успех настапува во шпанскиот Ваљадолид.

Меѓу левите бекови тука се стандардните Филип Кузмановски, Иван Џонов, Павле Атанасијевиќ, но и Михајло Младеновиќ, Емилијан Ѓорговски, Филип Талески…Дали и за СП 2025, македонскиот селектор ќе се реши за оние што играат со Литванија и Естонија, ќе почекаме до средината на декември.

Кај средните бекови, Лазаров на списокот ги стави Марко Митев и Игор Ѓорѓиев, двојката на која и верува во клубот, а тука се уште Марио Танкоски и Мартин Карапалевски. Имаше место за Мартин Ивановски од прволигашот Еурофарм Пелистер 2, но немаше место на пример за младинскиот репрезентативец Мирче Калајџиески.

Трио десни бекови на списокот доаѓа од Автокоманда – Мартин Серафимов, Мартин Велковски и Давид Савревски, потоа тука се Филип Николов од Бутел Скопје и Томислав Јагуриновски од Вардар. На списокот не е Михаил Иваноски, кој со успех настапува во српската Дубочица Лесковац и има голема минутажа за разлика од некои од другите десни бекови на списокот.

Меѓу десните крила има четири повикани ракометари, меѓу кои двајца се повредени. Покрај браќа Никола и Ненад Костески, кои нејасно е дали и колку ќе бидат подготвени за настап на Мундијалот, Лазаров смета на Ален Ќосевски и Александар Петковски, кои досега немаат настап на големо натпреварување во сениорска конкуренција, иако Петковски играше на Медитерански игри. Место на поширок список можеше да се најде за младинскиот репрезентативец Ненад Белистојаноски, кој иако игра во Првата лига во дресот на Еурофарм Пелистер 2, сепак е меѓу најдобрите стрелци, или пак на пример за Евгениј Темелкоски од Тиквеш. Секако место на поширок список заслужи и Мартин Поповски, кој игра во одлична форма во дресот на Цирих.

Доаѓаме до пивотменската позиција на која има дури осум ракометари – Жарко Пешевски од Еурофарм Пелистер, Самоил Ристевски од Еурофарм Пелистер 2, Михаил Аларов и Милан Лазаревски од Вардар, како и дури четворица од „сино-белиот“ тим од Автокоманда – Валентин Карасманакис, Никола Маркоски, Марко Стојковиќ и Кристијан Симоноски. Со оглед на тоа што нашата игра не се базира многу на кружните напаѓачи, нејасно е зошто на списокот има дури осум. Ако веќе има осум, која е поентата да има четворица пивоти од еден ист клуб, ако се знае дека сите немаат полна минутажа. На поширок список би можело да има место на пример за Кристијан Анастасовски од Тиквеш, кој игра во одлична форма или за младинскиот репрезентативец Дејан Михајловиќ од Бутел Скопје…

Македонија го започнува настапот на 15 јануари против Унгарија, потоа ќе се соочи со Холандија и на крајот од групната фаза против Гвинеја. Ако обезбеди место во главната рунда, нашата селекција ќе оди на мегдан на најдобрите три од овие четири – Франција, Австрија, Катар и Кувајт. Пред стартот на СП 2025, нашите момците ќе одиграат пријателски натпревар во Вараждин против домаќинот Хрватска.