Чаир со стил оди меѓу најдобрите 16 во Европа!

Чаир направи историски успех на европска сцена обезбедувајќи пласман во осминафиналето во Европскиот Куп.

Екипата на Чаир се пласира во ТОП 16 во Европскиот Куп, откако го доби и реванш натпреварот против Колехио Де Гаиа, триумфираше со 28:26.

Чаирчанки на првиот натпревар, кој беше одигран вчера, победија со 29:25 и јасно беше дека португалскиот претставник ќе има тешка задача.

За Чаир пласманот во осминафиналето од Европскиот Куп е историски, бидејќи во претходните четири сезони на европска сцена, со исклучок на сезона 2023/24, не успеваше мине едно коло.

Избраничките на Басри Љатифи уште од самиот старт наметнаа темпо кое гостинките не можеа да го следат. Расположени во првиот дел беа Ѓорѓиевска и Дукоска, двете ракометарки во првите 30 минути одигра речиси без грешка и имаа по пет гола. Чаир во 20 минута имаше предност од плус три, 8:5, а потоа гостинките се заканија и намалија на минус еден, 9:8.

Чаир во завршниот дел од првото полувреме одигра цврсто во одбраната, не дозволи ривалот да направи камбек и на пауза замина со предност од плус четири, 13:9.

Македонскиот претставник на стартот на второто полувреме зголеми на 15:10 и до финишот константно беше во предност, до 45 минута најчесто водеше со два-три гола разлика, потоа осетно ја зголеми разликата, а во последните пет минути гостинскиот тим успеа да ја искористи опуштеноста на Чаир.

Најефикасна кај Чаир беше Стефанија Ѓорѓиевска со десет гола, седум постигна Теодора Дукоска, по три имаа Биљана Дамчевска и Теодора Гулицоска.