Ракометарките на Чаир славеа против португалскиот тим Колехио Де Гаиа со 29:25 во рамки од првиот меч од 3. коло од Европскиот Куп.
Чаирчанки на реваншот, кој ќе се одигра утре, на истото место и во истиот термин (Автокоманда, 16:00 часот) ќе имаат убава можност со победа да го заверат пласманот во осминафиналето во третото по ранг европско клупско натпреварување.
Во првиот дел двете екипи играа променливо, најпрво гостинската екипа беше таа која што успеа да се одлепи, потоа Чаир од средината на првиот дел, па до последната минута од првото полувремето константно беше во предност, но немаше голема комоција во играта, бидејќи гостинките од Португалија постојано се закануваа.
По предноста на Чаир од 13:11, гостинскиот тим со два гола во низа успеа да се врати во игра израмнувајќи на 13:13. Црногорската интернационалка во редовите на Чаир, голманката Магдалена Којовиќ, бранеше кога беше најпотребно и до 25 минута имаше шест интервенции, речиси сите беа во дуел еден на еден. По 30 минута игра резултатот беше 16:15 за Колехио Де Гаиа.
Избраничките на Басри Љатифи за десет минути игра во вториот дел успеаја да дојдат до поизразена предност, во 40 минута поведоа со 22:17. Ракометарките на Колехио Де Гаиа не се откажуваа и како одминуваше времето, беа многу блиску до враќање. Чаир во последните десет минути влезе со 23:22 и до финишот успеа да ја сочува, но и да ја надгради предноста.
Предводник кај Чаир беше искусната Теодора Гулицоска, која постигна 13 гола, по шест имаа Теодора Дукоска и Стефанија Ѓорѓиевска.