По заминувањето од клупата на Вардар на Владо Недановски, раководството на „црвено-црните“ веќе е во потрага по наследникот.
Според соопштението што беше објавено на веб-сајтот на Вардар од претседателот Михајло Михајловски беше потенцирано дека во комбинација се тројца тренери, кои не се од балканските простори.
„Во овој период е тешко да се најде квалитетен а слободен тренер, но веќе преговараме со тројца добри тренери, кои не се од блиското опркужување. Сигурен сум дека до среда (30 октомври) ќе го имаме името на новиот тренер. За сите условот е најдоцна до 15 ноември да почнат да работат со тимот. До тогаш тимот ќе го води Стојанче Стоилов, сегашниот помошник тренер“, се вели во соопштението меѓу другото.
Според ова јасно е дека не станува збор за Момир Илиќ, Алем Тоскиќ, Бранко Тамше, Горан Перковац или некој друг од Балканот, па можеби Вардар ќе се врати на претходната пракса – да има шпански тренер.
На клупата против Порто ќе биде Стојанче Стоилов, а новиот стратег би можел да дебитира против Охрид или на дуелите по ЕХФ неделата.