Грчевски избра за „Трофеј Карпати“: Повик за Анчева, ги нема Гичевска, Јанкуловска, Ризоска…

Селекторот на женската репрезентација на Македонија, Кристијан Грчевски, го објави списокот на ракометарки повикани за собир пред настапот на „Трофеј Карпати“.

Грчевски смета на 22 ракометарки, а меѓу нив е најдобриот стрелец од минатата сезона во Женската лига, Марија Анчева од штипски Астибо.

Во споредба со минатата акција и пријателските со Австрија на списокот ги нема Ивана Арсениевска, Леонида Гичевска, Ангела Јанкуловска, Емилијана Ризоска и Марија Тасевска.

За оваа акција повик доби триото од Металург Автокоманда – Михаела Кралева, Марија Јанкуловска и Сара Миновска, како и Катерина Дамјаноска од Ѓорче Петров и Бојана Диневска од Чаир.

Собирот на ракометарките ќе биде на 21 октомври со почеток во 09:00 часот во салата „Антон Димитров“ во населба Бутел.

„Трофеј Карпати“ ќе се одржи од 25 до 27 октомври во романскиот град Клуж, а Македонија ќе одигра натпревари против Романија, Словачка и Швајцарија.