По четири одиграни кола во елитата: Филип Кузмановски меѓу најдобрите стрелци

Македонскиот репрезентативец и актуелен член на Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски, на првите четири одиграни натпревари од Лигата на шампионите беше на ниво и најголема закана за секој ривал.

По комплетираното 4. коло од европската елита, капитенот на пелистерци се најде меѓу најдобрите стрелци. Кузмановски на четири натпревари во Лигата на шампионите постигна вкупно 26 погодоци, со реализација 51%.

Битолчанецот најмногу беше расположен на средбите со ПСЖ и Динамо Букурешт, против „светците“ погоди осум пати, додека на гостувањето во Романија имаше девет реализации.

Моментално прв на листата на стрелците се наоѓа десното крило на ПИК Сегед, Марио Шоштариќ, кој зад своето име има запишано 32 гола, а го следат Недим Ремили од Веспрем и Капил Шипжак од ПСЖ, двајцата имаат гол помалку, односно 31.

Пред Кузмановски се наоѓаат уште Матијас Гидсел од Фуксе Берлин и Лука Ловре Кларица од Загреб. Данскиот ас на четири натпревари остигна 29 гола, а Кларица 27. Втор најдобар стрелец на Еурофарм Пелистер е Богдан Радивојевиќ со 16 погодоци.