Ризоска даде 20 гола, а ривалот само 11 за цел меч

Ракометарките на Ѓорче Петров во натпревар од 5. коло од Женската лига одиграа како на тренинг против Спартак, триумфираа со 58:11.

Ѓорчепетровки не се опуштија во ниту еден момент, во првото полувреме постигнаа 31 гол и рутински ги одработија вторите 30 минути.

Во таборот на Ѓорче Петров доволна за победа беше само Емилијана Ризоска, која постигна дури 20 погодоци, а ја следеше Катерина Дамјановска со 11.

Кај Спартак само две ракометарки се запишаа во листата на стрелци – Зорица Андовска (шест гола) и Ива Ѓорѓиевска (пет гола).

Следен натпревар за Ѓорче Петров ќе биде реванш дуелот против Хорс од втората рунда од Европскиот Куп.