Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер по 17 порази во Лигата на шампионите, успеа да освои бод, откако одигра реми со Спортинг Лисабон, 24-24. Иако домаќините водеа со четири гола предност во средината на вториот дел, 20-16, но во последните петнаесетина минути дадоа само два гола, па Спортинг Лисабон со подобра игра во одбраната ги запре шутерите на македонскиот тим и стигна до плус три, 24-21. Сепак за 70 секунди, пелистерци одиграа одлична одбрана, погодија три пати, а голот за реми беше дело на Павле Атансијевиќ.
Беше 2-0 со двата гола на капитенот Кузмановски, но гостите израмнија на брзина. Митревски имаше неколку интервенции во серија, а пелистерци тоа го претворија во водство од три гола, 5-2 по десетина минути.
Пропушти нашиот првак шанса и за плус четири, па гостите полека ја топеа негативата. Хосни беше исклучен, на два пати Мартим Кошта погодуваше и Спортинг израмни на 7-7. Борзаш направи две технички грешки, а ниту Пешевски не реализираше зицер, па гостите направија омплетен пресврт по дваесетина минути и за првпат водеа со 10-9. По тајм-аутот на Ангеловски, пелистерци реализираа два пати по ред, но Атанасијевиќ само што влезе, беше престрого исклучен и португалскиот тим се врати во егал, 11-11.
Митревски одбрани два пати, Спортинг погреши и Пешевски имаше свое гол-шоу. Стрелаше во гостинскиот гол три пати прецизно и домашните си ги вратија највисоките дотогаш плус три, 15-12. До крајот португалскиот првак даде уште еден гол, а двата тима не искористија уште по една прилика да ја погодат противничката мрежа.
На стартот на вториот дел беше 16-13, потоа неколку избрзани акции на пелистерци и Спортинг израмни на 16-16. Митревски му одбрани удар на Кико Кошта, згреши и Мартим Кошта, па казната стигна на спротивната страна и македонскиот првак се одлепи на плус четири, 20-16. Кошта повика тајм-аут, пелистерци ја загубија идејата во нападот, три пати згрешија, па Гури даде три гола по ред за 20-19.
По ваквата серија на гостите, Ангеловски мораше да ги смири своите избраници, но Спортинг влезе во ритам и на десет минути до крајот успеа да направи комплетен пресврт, 22-21. Kристенсен му одбрани два удари на Пешевски, па имаа гостите напад за плус два, но и Митревски одбрани два удари на Мартим Кошта.
Пелистерци не погодија и за првпат во мечот гостите имаа и плус два, 23-21 на пет минути до крајот. Се редеа грешки во домашниот тим, постот без гол траеше 12 минути и Спортинг отиде на 24-21. Радивојевиќ и Борзаш вратија надеж барем за бод, но гостите имаа тајм-аут и 25 секунди за напад. Погрешија и Павле Атанасијевиќ во брз напад даде гол за реми и голем бод.
По пет гола во македонскиот тим запишаа Пешевски, Кузмановски и Радивојевиќ, додека четири пати стрелаше Борзаш. Голманот Никола Митревски запиша десет интервенции. Во составот на Спортинг, по пет гола имаа Мартим Кошта, Гури и Салвадор.