Пелистерци на добар пат, водат на пауза против Спортинг

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер води против Спортинг Лисабон со 15-13 по првото полувреме во натпреварот од 4 коло во Лигата на шампионите.

Беше 2-0 со двата гола на капитенот Кузмановски, но гостите израмнија на брзина. Митревски имаше неколку интервенции во серија, а пелистерци тоа го претворија во водство од три гола, 5-2 по десетина минути.

Пропушти нашиот првак шанса и за плус четири, па гостите полека ја топеа негативата. Хосни беше исклучен, на два пати Мартим Кошта погодуваше и Спортинг израмни на 7-7.

Борзаш направи две технички грешки, а ниту Пешевски не реализираше зицер, па гостите направија комплетен пресврт по дваесетина минути и за првпат водеа со 10-9.

По тајм-аутот на Ангеловски, пелистерци реализираа два пати по ред, но Атанасијевиќ само што влезе, беше престрого исклучен и португалскиот тим се врати во егал, 11-11.

Митревски одбрани два пати, Спортинг погреши и Пешевски имаше свое гол-шоу. Стрелаше во гостинскиот гол три пати прецизно и домашните си ги вратија највисоките дотогаш плус три, 15-12. До крајот португалскиот првак даде уште еден гол, а двата тима не искористијиа уште по една прилика да ја погодат противничката мрежа.