Пејковски го водеше Шампион до триумф, Скопје победнички се враќа од Ресен

Тимот на Шампион предводен од Илија Пејковски со 12 погодоци, славеше во пресметката со Текстилец со 36-27. Штипјани парираа во првиот дел, на стартот на второто полувреме по 14-12, намалија и на минус еден, но потоа влегоа во серија грешки.

Домашните тоа го искористија максимално и ја зголемуваа разликата. Покрај Пејковски, во победничкиот состав се истакна Стефан Огненовски со шест гола, додека Филип Џинес стрелаше десет пати за Текстилец.

Ракометарите на Скопје ја запишаа втората победа во прволигашката конкуренција, откако славеа на гостински терен кај Преспа Вардар со 39-27. Во натпревар со 18 исклучувања, десет седмерци и еден црвен картон, гостите уште во првиот дел најавија дека се дојдени по двата бода.

Водеа избраниците на Оливер Димитриоски со 24-12 по првиот дел, а продолжи борбата во второто полувреме, иако се знаеше победникот. По еден меѓусебен дуел во кој имаше кошкање, исклучен беше Александар Темелко од домашниот тим, додека Александар Антиќ од Скопје мина со две минути казна.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Бојан Чакалиќ со шест гола, како и Грујевски, Симоновски и Ристеси со по пет погодоци. Во составот на Преспа Вардар, седум пати прецизен беше Димитар Нечовски.