Струга од 12 до 15 август повторно ќе живее со ракометот, а покрај Црн Дрим ќе се одржи вистински ракометен фестивал исполнет со добри натпревари, полни трибини и незаборавна атмосфера. 24Ракомет и годинава е медиумски партнер на турнирот, а во пресрет на неговиот почеток ќе ги претставиме сите екипи учесници и ќе пренесеме интересни приказни, факти и детали од богатата историја на турнирот. Сите натпревари ќе бидат пренесувани во живо на YouTube каналот на 24Ракомет.
Најстариот ракометен турнир во Македонија и годинава ќе го означи почетокот на новата сезона. Со него, почнува ракометната магија во Македонија. Од 12 до 15 август, на отвореното игралиште покрај Охридското Езеро, ќе се одржи 54. издание на Меѓународниот ракометен турнир „Вангел Баљукоски – Баљук“.
Со традицијата започната во 1973 година, која трае до ден денес, во Струга играле врвни ракометни клубови и ракометари.
Тоа се некогашните европски прваци Металопластика Шабац, Динамо Букурешт, Борац Бања Лука, Вардар и Целје, потоа екипи како ПИК Сегед (кој тогаш го носеше името Волан Сегед), своевремено силната екипа Славија Прага, Бањик Карвина, па ПСЖ, а во поново време француските Тулуз, Кретеј и Шарт, потоа шведскиот Алингсас, романската Констанца, турскиот Бешикташ…
На отвореното игралиште гледачите имале можност да ги видат Мирко Башиќ, Миле Исаковиќ, Веселин Вујовиќ, Веселин Вуковиќ, Момир Рниќ, Златко Портнер, Роландо Пушник, Боро Чурлевски, Eлиодор Воика, Пепи Манасков, Кире Лазаров, Стевче Алушовски, Наумче Мојсовски, Арпад Штербик, Стојанче Стоилов…и уште многу познати македонски и странски ракометари кои се уште се активни на ракометните терени.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24Ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________


























