Иваноски влезе во ритам – беше меѓу најдобрите во ремито кај Колубара

Тимот на Дубочица Лесковац, каде што игра македонскиот интернационалец Михаил Иваноски, одигра реми на гостувањето кај Колубара, 26-26.

Десниот бек влегува во ритам и прикажува одлични партии во серија во српскиот шампионат, а против Колубара погодуваше кога беше најпотребно.

Иваноски успеа да погоди пет пати од седум обиди, а два гола беа во вториот дел кога тимот од Лесковац се враќаше од негативата.

Иако Дубочица водеше со 26-25, сепак во последните секунди прими гол и домаќинот се избори за реми.

Тимот на Иваноски во следното коло ќе има голем предизвик и на домашен терен ќе го пречека актуелниот првак Војводина.

Во „македонскиот“ двобој во Србија, Партизан на Бојан Маџовски (немаше погодоци) славеше со 33-23 на гости кај Врање на Даниел Андоновски (еден погодок).