Недановски: Оваа победа ќе биде пресвртница за Вардар во сезоната!

Вардар го доби најголемото дерби на македонскиот ракомет против Еурофарм Пелистер со 27-24.

Тренерот на Вардар, Владо Недановски, смета дека оваа победа над големиот ривал ќе биде пресвртница во сезоната за неговиот тим.

„Првото полувреме игравме многу добра одбрана. Нападот функционираше, сите што добија шанса ја искористија и играа на ниво. Во вториот дел не знам дали поради разликата од четири гола, мислевме дека лесно ќе продолжиме во истиот ритам. Сепак Еурофарм Пелистер е искусна екипа, која е во натпреварувачки ритам, игра секоја недела добри натпревари, ние тој ритам го немаме, доколку беше така ќе бевме подобри и во вториот дел. Но покажавме и покрај тоа што се доближија на минус еден, покажавме карактер, го подигнавме нивото на игра во напад. Овој натпевар беше празник не само на ракометот, туку и на спортот воопшто“, вели Недановски.

Тој за овој меч ги изостави Родригез, Крманчиќ и Мело, а прв натпревар по камбекот имаше Вуко Борозан.

„Не знам за што се подготвувале ривалите, но оваа сезона имаме голем ростер и можност за ротација. На оние што не беа во составот сигурно дека им е криво што не играа пред ваква атмосфера, но сега имаме регуларен дел, ќе играме и плеј-оф, па сите ќе ја почувствуваат оваа атмосфера“, продолжи Недановски.

Вардаровиот тренер смета дека „киксот“ од Автокоманда со оваа победа е избришан.

„На првото дерби кикснавме, но го добивме вистинското, најголемото дерби. Покажавме карактер, се гледаше и на терен дека имавме поголема желба за победа. Можеби тоа беше така поради поразот во Автокоманда и знаевме дека нема веќе поправен. Но се радувавме на победа и таа ќе биде пресвртница во сезоната. Играчите после оваа победа повеќе ќе веруваат во работата на тренерите, повеќе ќе веруваат во себе. Кога беше најпотребно и голманите имаа неколку одбранети зицери и тоа придонесе за радоста на крајот“, заврши Недановски.

Следен предизвик за Вардар ќе биде гостувањето кај Бутел Скопје, додека Еурофарм Пелистер за ривал го има Пролет.

Вардар го доби „македонското дерби“- падна Еурофарм Пелистер