Вториот претставник на Македонија во Европскиот Куп, тимот на Тиквеш, доживеа пораз на првиот натпревар во првото коло од Драма, 31:27.
Кавадарчани за пласман во втората фаза во третото по ранг европско клупско натпреварување ќе мора на домашен терен да дадат повеќе од потребното.
Во најголемиот дел од натпреварот домаќинот беше во предност, но без голема комоција во играта, играше „падни-стани“, па така избраниците на Грчевски во неколку наврати доаѓаа до изедначување на резултатот.
Драма на пауза замина со предност од 14:13, македонскиот тим во вториот дел се врати во игра, но во периодот од 40, па се до последната минута, домаќините беа подобриот ривал на теренот.
Најефикасни кај Тиквеш со Мартин Димовски со шест и Мартин Манасков со пет погодоци, по четири постигнаа Срѓан Мијатовиќ и Дарио Кофилоски.
Реванш натпреварот меѓу Тиквеш и Драма ќе се одигра на 22 септември во спортската сала „Јасмин“ со почеток во 19:00 часот.