Луд финиш во Куманово – Ангелески херој на прилепчани

Екипата на Прилеп на гостувањето во Куманово кај истоимената екипа со пресврт во последната минута триумфираше со 36:35 во рамки од 2. коло од Супер лигата и се израдува на првата сезонска победа. Иако Куманово се наоѓаше пред победа, сепак, гостите од Прилеп дадоа се од себе да си заминат со два бода и успеаја во зацртаната цел. Младиот голман Михаил Ангелески во последна секунда го сопре ударот на Димевски, а тоа значеше голема радост за тимот предводен од Божидар Мојсов.

За Прилеп победата над Куманово е многу важна, бидејќи тимот е еден од претендентите за пласман во плеј-оф фазата. Прилеп во 3. коло на свој терен ќе го пречека Охрид, потоа следуваат соочувањата со Алкалоид, Радовиш, Бутел Скопје, Вардар…

Во првиот дел гледавме голема борба, многу изедначувања и пресврти. Прилеп беше екипата која во првиот дел на трипати имаше плус три, но и домаќините имаа свои моменти и минимална предност во одредени периоди. По 20 минути игра, резултатот беше 10:10 и тоа беше некаква увертира каков ќе биде текот во преостанатите 40 минути.

Домаќините влегоа во топ-ритам, успеаја да се одлепат на 12:10, имаа и 13:11, но избраниците на Мојсов не дозволија ривалот да ја зголеми предноста и со головите на Органџиев и Шабановиќ израмнија на 13:13 на две минути пред крајот на првото полувреме. Одличен во нападот на Куманово беше десниот бек Каио Винициус Де Соуза, кој за 30 минути имаше дури девет погодоци, сите од игра. Голманот на Прилеп, Ивчески, фати неколку топки во серија и беше најзаслужен за предноста од 15:14 на пауза.

И вториот дел мина со борбено надигрување, а по нерешените 19:19, домашниот тим во 35 минута повторно дојде на максималната предност од првиот дел, за момент поведе со 21:19. Прилеп израмни на 21:21, беше и 22:22 пред гостите да добијат две исклучувања по ред. Гостите за кратко ја презедоа предноста, но до последната минута домаќинот одржуваше предност од еден до два гола разлика.

Прилеп имаше голема среќа во последната минута, во која најпрво успеа да израмни на 35:35, a потоа со голот на Квастек да победи со 36:35, тоа беше и крајниот епилог од неизвесниот натпревар во Куманово.

Одличен натпревар зад себе имаше Денис Шабановиќ во победничката екипа, постигна десет погодоци, осум додаде Пеце Рајатоски, додека 17-те погодоци на Каио Винициус Де Соуза беа залудни за домашниот тим.