Андоновски и Врање ѝ откинаа бод на Црвена Ѕвезда

Македонскиот интернационалец Даниел Андоновски, кој од оваа сезона настапува за Врање, заедно со својот тим освоија бод на гостувањето во Белград кај Црвена Ѕвезда.

Избраниците на Ѓорѓе Теодоровиќ до освоениот бод дојдоа со подобрата игра во вторите 30 минути, во кои на моменти имаа и резултатска предност.

Андоновски максимално ја искористи дадената минутажа и во голот на домаќините имаше три успешни реализации, но и неколку асистенции кон своите соиграчи.

Екс ракометарот на Бутел Скопје, кружниот напаѓач Владимир Јефтиќ, кој исто така е член на Врање, беше незадржлив во нападот и запиша шест погодоци.

Врање во второто коло ќе гостува во Панчево кај Динамо, додека својот прв домашен натпревар ќе го одигра во 3. коло против амбициозниот Партизан.