Ракометарите на Еурофарм Пелистер имаа победнички старт на ТВ турнирот на шампионите во Добој, откако славеа против Црвена Ѕвезда со 28-27. Иако во првиот дел имаа и плус пет, во второто полувреме мораа да се помачат момците на Бранко Ангеловски против жилавиот противник. Сепак на крајот триумф за македонскиот шампион, кој го чекаат дуели со унгарската Татабања и хрватскиот Загреб во групата.
Пелистерци тргнаа според очекувањата и посакувањата. Ѓорговски и Кузмановски диригираа во нападот и македонскиот тим лесно го наоѓаше патот до мрежата на „црвено-белите“.
Беше 10-5 за Еурофарм Пелистер, но следуваше голем пад во играта на битолчани. Сите грешки беа казнети со голови од контранапади, каде предничеше екс пивотот на Бутел и на битолчани, Вељко Давидовиќ.
Црвена Ѕвезда направи комплетен пресврт и поведе со 11-10 и оттогаш беше тешко за македонскиот тим да се врати во игра. На пауза се замина со водството за српската екипа со 16-14.
Манасков го врати Еурофарм Пелистер во водство, 18-17 по кратко време во вториот дел, но голманите на Црвена Ѕвезда им фатија два пенали на Кузмановски и Радивојевиќ, па тоа беше казнето и одново српскиот тим водеше со 20-18.
Пропуштија шанса и за плус три на два пати, Митревски одбрани два зицери и во 45 минута беше 21-21, откако Манасков реализираше пенал. На десетина минути до крајот, Марко Кривокапиќ го повика третиот тајм-аут.
Но неговите момци беа во пад, Митревски влезе во серија, а пелистерци отидоа на плус два, 24-22. Беше и 25-23 кога имаше да се играат уште пет минути до крајот, а кога Кузмановски погоди со проектил за 27-24 веќе беше јасно кој ќе победи.
Филип Кузмановски постигна девет гола и беше прогласен за МВП на натпреварот, додека Емилијан Ѓорговски даде четири погодоци. Утре во 21:00 часот, Еурофарм Пелистер игра против Татабања, додека задутре во истиот термин ќе се соочи со Загреб.