СТРУГА 2024: Струга вторпат загуби, ПАОК ќе ја продолжи трката за финале

Домаќинот на традиционалниот турнир, Струга, вторпат загуби, овојпат од грчкиот ПАОК Солун со 27-19 и ќе се најде на третото место во групата, односно ќе игра за петтото место на турнирот. ПАОК ќе оди на мегдан на македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во директен дуел за место во финалето. Грците го решија победникот кон средината на вториот дел, кога искористија неколку грешки на Струга и се одлепија на три гола разлика.

Тимот на Сашо Србиноски парираше одлично, во неколку наврати и водеше против ПАОК, но грчкиот тим успеваше секогаш да израмни. Папазоглу на голот беше расположен и им фати три удари на стружани, па ПАОК се одлепи на плус два, 8-6, кон средината на првиот дел.

Следуваа по неколку промашувања на двете страни, но ПАОК ја задржа разликата, па Србиноски побара тајм-аут. Не се смени нешто особено на теренот, а Папазоглу продолжи да им брани удари на струшките ракометари.

Но ниту гостите не беа многу прецизни во нападот, па Костоски казни две грешки и Струга се доближи на гол негатива, 10-9. Тутенкоски влезе во ритам, имаа Грците напад и за плус три, но голманот на Струга се испречи пред нив.

Босанското засилување за Струга, Никола Летиќ, погоди од пенал, потоа уште еднаш по атрактивна асистенција и домаќините се вратија во егал, 12-12. ПАОК го имаше последниот напад, но одново Тутенкоски одбрани и на пауза се замина со реми.

Во вториот дел стружани беа првите што погодија, но ПАОК набрзина си ја врати предноста од плус два, 18-16. По промашениот пенал на Наумоски, за првпат на мечот, грчкиот тим поведе со три гола, 19-16.

Папазоглу одбрани уште еден седмерец на Летиќ, и се чини дека тука се „прекрши“ натпреварот. ПАОК отиде на плус четири, па Србиноски реагираше со минута одмор, пред Мечкароски да постигне гол за 20-17.

По еден старт на македонскиот интернационалец во дресот на ПАОК, Дарко Георгиевски, на еден од домашните ракометари, судиите му доделија директен црвен картон. Тоа сепак не ги спречи Грците да ја зголемуваат предноста и на крајот да слават убедливо.

Најдобар стрелец кај Струга беше Летиќ со шест погодоци, додека Јанкуловски постигна четири гола. Во составот на ПАОК Солун се истакна Јоану со шест гола, а голманот Папазоглу запиша 13 интервенции.

По овој пораз, Струга ќе оди во натпревар за петтото место со третопласираниот од другата група, додека ПАОК, кој е освојувач на грчкиот Куп, ќе се бори против Еурофарм Пелистер за првото место во групата односно за место во финалето.