СТРУГА 2024: Победнички старт за Еурофарм Пелистер на патот до финалето

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер со победа го отвори настапот на турнирот во Струга, откако славеше против домаќинот со убедливи 39-22.

Домашниот состав, кој во отсуство на првиот тренер Наум Танески, го води Сашо Србиноски, одржуваше резултатска рамнотежа во најголем дел од првото полувреме против поискусниот тим на битолчани.

Се играше гол за гол до 8-8, потоа битолскиот тим почна да се одлепува резултатски и до паузата обезбеди водство од четири погодоци, 18-14. Немаше резултатска неизвесност во второто полувреме и рутински беше одработена задачата.

Стратегот на Еурофарм Пелистер ја распредели рамнотежата кај сите ракометари, а исто така и домашниот стратег им даде шанса на сите млади во ростерот. Во групата со Струга и Еурофарм Пелистер е и грчкиот ПАОК Солун.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Филип Кузмановски и Петар Атанасијевиќ со по шест гола, додека кај Струга се истакнаа Никола Летиќ со пет гола и Филип Симоноски со четири.

Во вториот натпревар од денешната програма ќе играат актуелниот освојувач на титулата, Вардар, и кавадаречки Тиквеш.