Се спушта завесата на ракометното првенство во сезоната 2023/24. Тимот на Охрид на домашен терен го пречекува кавадаречки Тиквеш.
Средниот бек Горан Крстевски, вели дека иако натпреварот нема резултатско значење, сите играчи се спремни да го дадат максимумот за со победа да ја заокружат успешната сезона во која беше изборен пласман во европските натпреварувања.
„Утре ни гостува екипата на Тиквеш, со која го играме последниот натпревар за сезоната. Иако нема некое значење во распоредот на табелата, ние ќе го дадеме нашиот максимум и со победа пред нашата публика успешно да ја завршиме сезоната. Досега со Тиквеш имаме одиграно многу меѓусебни натпревари и добро се познаваме, мислам дека клучно за победа во овој дуел ќе биде нашата игра во одбрана и нашата полуконтра, да постигнеме што повеќе лесни голови”, изјави Крстевски.
Охрид и Тиквеш досега одиграле 11 меѓусебни натпревари и за нијанса е подобар тимот од Кавадарци со шест победи, додека Охрид има пет.
Последниот натпревар помеѓу овие два тима за сезонава се игра во среда, 29 мај, во спортската сала „Билјанини Извори” со почеток од 19:00 часот.