Којовиќ: Нема за што да жалиме, дадовме сѐ од себе

Екипата на Чаир годинава испиша историја, бидејќи за првпат се бореше за Куп трофејот, но не успеа да направи уште една сензација.

Чаир во финалето играше против Ѓорче Петров, парираше колку што можеше, а крајниот исход од финалето на 31. издание од Купот на Македонија беше 36:24 за „лавиците“.

По финалниот дуел беа доделени и индивидуалните признанија, па така за најдобра голманка беше избрана Магдалена Којовиќ од Чаир.

Црногорската интернационалка блескаше на Ф4 турнирот, псоебно во полуфиналето против Вардар.

,,Покажавме денес, но и во петокот дека сме клуб кој што има амбиции да се бори за трофеј, сакам да им честитам на моите колешки кои и во полуфиналето и денес го дадоа својот максимум, го оставија срцето на терен и нема за што да жалиме, дадовме сѐ од себе”, изјави Којовиќ.

Голманката истакна дека е премногу задоволна од прикажаното за оваа сезона, во која нејзиниот тим учествуваше и на европска сцена.

,,Задоволна сум од настапот во оваа сезона, со оглед на тоа што по крајот на првиот дел заминаа неколку играчи од тимот, ние со еден мал ростер успеавме да направиме голем успех”, заврши Којовиќ.

Чаир до крајот од сезоната треба да одигра уште два натпревари од Женската лига.

Марија Јанкуловска МВП, Рахмани нај стрелец, Којовиќ нај голман на Ф4 во Купот

 

Ѓорче Петров со фуриозен втор дел до Куп трофеј