Кадетската екипа на Струга е една од екипите учесници на годинешниот Ф4 турнир во кадетска конкуренција. Под водство на Жарко Ферукоски младите стружани одиграа перфектно во групата А, победија на сите 12 натпревари и си обезбедија директно место на Ф4 турнирот.
За Струга како колектив пласманот на Ф4 турнирот е голем успех, бидејќи освен кадетите, пионерската екипа, која исто така е предводена од Жарко Ферукоски, играше на завршницата во својата категорија и заврши на 3. позиција.
Струга во минатата сезона се бореше за трофејот во кадетската лига, но во финалето беше поразена од Мулти Есенс со 31:29. Сега стружани повторно ќе посакуваат влез во финалето, но и освојување на златниот медал.
Тренерот Жарко Ферукоски ги истакна своите очекувања пред настапот на Ф4 турнирот, кој ќ есе одржи во Автокоманда
,,Исто како и кај пионерите, целта со кадетската екипа беше пласман на Ф4 турнирот и нормално, ќе дадеме сѐ од себе за да се бориме за златниот медал. Имавме одлична сезона, групата ја завршивме без пораз, победивме на сите 12 одиграни натпревари во групниот сегмент, на секој натпревар имавме респект кон секој противник, пласманот меѓу најдобрите четири екипи е резултат на напорната работа и големиот напредок кај играчите”, изјави Ферукоски.
Избраниците на Ферукоски за да дојдат до посакуваното финале ќе треба да го совладаат Алкалоид.
,,За ривал во полуфиналето го имаме тимот на Алкалоид, кој на Ф4 турнирот ја има домаќинската улога. Станува збор за еден од најдобрите кадетски тимови во Македонија, ќе биде тешко, но се надевам дека ќе одиграме според посакуваното и ќе дојдеме до финале. Не знаеме многу информации, но според резултатите и играчите кои ги имаат, пак ќе кажам дека станува збор за квалитетен тим”, заврши Ферукоски.
Распоред, Ф4 – кадети:
САБОТА – 18.05.2024
Полуфинални мечеви
11:00 – Струга – Алкалоид
13:30 – Бисинов – Еурофарм Пелистер 2
17:00 – меч за 3 место
19:30 – финале
📷 РФМ реши кадетскиот Ф4 пак да биде во Автокоманда – ќе организирале по европски терк!