Рускиот репрезентативец Павел Атман по настапите за Вардар и Металург би можел да заигра и за трет македонски клуб од следното лето. Како што дознава 24Ракомет, тој е во сериозни преговори со Бутел Скопје, има интерес за соработка, а наскоро ќе биде познато дали двете страни ќе најдат заеднички јазик.
Атман на крајот од оваа сезона ќе го заврши својот престој во Израел како што откри неодамна во интервју за „Брз Центар“ и потенцираше дека сака да одигра уште две или три сезони на високо ниво пред да мисли на пензија.
Доколку се договорат Атман и Бутел Скопје, тогаш тренерот Кузманоски би добил големо засилување на ростерот, на бековските позиции.
Рускиот интернационалец кој потекнува од Волгоград, покрај настапите во Вардар и Металург, беше дел од белоруските екипи Мешков Брест и Динамо Минск, катарските Ал Ахли и Ел Џаиш, како и бундеслигашот Хановер, Чеховски Медведи и ЦСКА Москва, пред да замине во Израел каде ги брани боите на Макаби Ришон Ле Зион.
Од Бутел Скопје замина Лука Иваниќ, на лето си оди Томче Стојановски, а актуелни договори имаат голманите Блажески и Стојаноски, потоа Ѓеоргиевски, Давитковски, Николов, Спасовски, Михајловиќ, Цветковски, Субашевски…