Селекторот на Данска, Николај Јакобсен, пред неколку дена го објави списокот на играчи за подготвителниот период за ОИ во Париз.
На списокот, на кој партиципираат 18 играчи, го немаше членот на Алборг, Микел Хансен, кој по паузата одигра само два натпревари.
Јакобсен за медиумите во Данска објасни зошто Микел Хансен не бил во составот за подготвителните натпревари за Олимписките игри .
,,Микел штотуку се опорави од повредата и одигра само два натпревари. Заедно со него се договоривме дека ваквата физичка активност сега ќе му биде премногу. Не сакаме да добие нова повреда или да ги влоши старите повреди. Се надевам дека ќе има одличен крај на сезоната во Алборг. Главната работа е што тој е во форма. Мислам дека сите ги знаеме неговите играчки квалитети “, изјави данскиот селектор.
Данска пред настапот на Олимписките игри ќе се подготвува во Норвешка, таму ќе одигра контролен натпревар против домаќините и против репрезентацијата на Хрватска.
Светскиот првак во групната фаза на ОИ за ривали ги има Унгарија, Норвешка, Франција, Египет и Аргентина.