Какви се шансите на македонскиот првак да добие вајлд-карта за ЛШ?

Дел од првенствата низ Европа веќе завршија, познати се шампионите, а дел допрва ќе имаат кулминација во финалните серии. Полека се наѕира костурот на Лигата на шампионите за следната сезона и познати се половина од учесниците што ќе играат во најелитното европско клупско натпреварување.

Според рејтингот, македонскиот шампион нема директно место во Лигата на шампионите, па Еурофарм Пелистер или Вардар, би можеле само преку вајлд-карта да се најдат меѓу 16 екипи што ќе бидат дел од сезоната 2024/25. Шансите не се големи, конкуренцијата е силна, но би било одлично ако на македонските терени во Битола или Скопје, и во следната сезона гледаме елитен ракомет.

Директно место во ЛШ имаат Барселона, Спортинг Лисабон, Магдебург, Фуксе Берлин, како и шампионите на Полска, Франција, Данска, Унгарија и Норвешка, односно Келце/Висла Плоцк, ПСЖ/Нант, Алборг/Фредериција, Веспрем/ПИК Сегед и Колстад/Елверум.

Белорусија се уште е исклучена од европските натпреварувања, па местото на Мешков Брест оди во вајлд-карти и ЕХФ ќе има за доделување уште седум специјални покани. Ако се оди според досегашната пракса вајлд-карти ќе добијат вицешампионите на Полска (Келце/Висла Плоцк), Франција (ПСЖ/Нант), Унгарија (Веспрем/ПИК Сегед)…па ќе останат уште четири.

Откако лани не добија покана, оваа сезона силниот романски првак Динамо Букурешт скоро сигурно ќе игра во елитатата, а тука е хрватскиот шампион Загреб, кој исто така има силно лоби и ќе добие вајлд-карта, па остануваат уште две.

Во Данска и Норвешка, ако шампиони станат Алборг и Колстад, вицепрваци би биле Фредериција и Елверум, но тешко е за верување дека овие две екипи би добиле место во ЛШ. Словенечки првак стана Горење Велење, спонзорот на овој клуб е спонзор и на ЕХФ, па доколку се пријават за вајлд-карта, најверојатно и ќе ја добијат.

За последната покана (доколку се пријават), во конкуренција би биле шпанскиот вицепрвак Бидасоа, португалскиот вицепрвак Порто, шампионите на Македонија (Еурофарм Пелистер/Вардар), Шведска (Савехоф/Иштад), Швајцарија (Кадетен/Луцерн), Србија (Војводина/Металопластика), Грција (АЕК/Олимпијакос)…

На 21 јуни ЕХФ ќе објави кои екипи ќе добијат вајлд-карта, а ждрепката за новата сезона ќе се одржи на 27 јуни.