Денешното дерби во најквалитетната лига на светот меѓу екипите на Фуксе Берлин и Кил заврши без победник, 32:32 (18:18), a ваквиот исход најмногу му одговара на Магдебург, кој е на чекор да ја врати титулата.
Фуксе Берлин доколку победеше против „зебрите“, тогаш трката за титулата во Бундес лигата ќе беше неизвесна до последен момент. До крајот од сезоната треба да се одиграат уште шест кола, а Магдебург и Фуксе Берлин ја делат првата позиција со 50 бодови.
Сепак, Магдебург има натпревар помалку во однос на „лавовите“ од Берлин и до крајот има ривали по мерка, односно треба да игра со екипи кои се рангирани од осмо до последно место. Актуелниот европски првак го очекуваат дуелите со Лемго, Ерланген, Балинген, Лајпциг, Рајн Некар и Вецлар.
Само чудо може да се случи составот на Магдебург да загуби на тие натпревари. Фуксе Берлин ќе мора да се задоволи со второто место, кое исто така носи директен пласман во Лигата на шампионите, додека за место во Лигата на Европа кандидати се три екипи – Фленсбург, Кил и Мелсунген.