Ракометниот сојуз на БиХ во следниот период треба да го назначи новиот селектор на машката сениорска репрезентација.
Откако довчерашниот предводник Ирфан Смајлагиќ одлучи да ја напушти репрезентацијата, босанските медиуми истакнаа неколку познати имиња како потенцијални кандидати за селекторската функција.
Меѓу нив се најдоа Касим Каменица, Никола Прце, Тони Чолина, Драган Марковиќ…Во игра за селекторското место се вклучи уште едно познато име.
Поранешниот тренер на Вардар, Љубомир Обрадовиќ, во разговор за босанскиот портал „Ослобоѓење“ од Сараево, потврди дека е подготвен да разговара со челниците на босанската ракометна куќа.
,,Јас сум на располагање, подготвен сум да го претставам мојот работен план и да искористиме сѐ што можеме. Што се однесува до мене, кој и да е селектор, сакам БиХ да го помине баражот за СП. Има многу проблеми во секој сојуз на Балканот, не се само проблемите во БиХ. Малку повеќе вложување не би му наштетило на ракометот. Да ја погледнеме Словенија, таа е земја која инвестира во сите спортови. Значи, само треба добро да ги распределиме парите за репрезентациите и проектите”, изјави Обрадовиќ.
Обрадовиќ последниот репрезентативен ангажман го имаше во репрезентацијата на Зеленортските Острови. Искусниот стратег со африканската земја успеа да направи голем успех на Светското првенство 2023, бидејќи Зеленортските Острови ја поминаа групната фаза.
БиХ за пласман на Светското првенство 2025 ќе се бори против Португалија, а неговата понуда да биде селектор на босанската репрезентација можеби би била добитна комбинација, бидејќи има работено во неколку португалски клубови и најдобро ги познава португалските репрезентативци.