Потпретседателот на СЕХА лигата и извршен директор на дивизијата „Исток“ во регионалното натпреварување, Борис Сапожњиков, во разговор за рускиот „Брз центар“ зборуваше за идните планови на лигата.
Сапожњиков потенцираше дека наскоро би требало да стартува и дивизијата „Југ“, во која би се натпреварувала и екипа од Македонија. Ако се суди според најавите, хрватски екипи нема да има.
„Дивизијата „Југ“ наскоро ќе почне да ги одржува своите натпревари и ќе биде во проширена форма. Таму ќе видиме и балкански тимови и претставници на Блискиот Исток. Најверојатно ќе има по шест клуба во секоја од овие две групи. Рано е да се зборува за списокот на учесници, но најверојатно, Унгарците ќе имаат две екипи, Србите исто толку, како и по една екипа од Македонија и Босна и Херцеговина. Во другата група би играле клубови од Катар, Иран, Саудиска Арабија и Кувајт”, изјави Сапожников.
Натпреварите во едната група од дивизијата „Југ“ би започнале следниот месец, односно кон крајот на месец февруари.
„Сè уште не можам да кажам ништо за групата во која ќе бидат екипите од Блискиот Исток, но балканската група најверојатно ќе започне на крајот на февруари. Секоја од дивизиите највеојатно ќе има свој Ф4 турнир, додека по две најдобри екипи од двете дивизии би играле на заеднички Ф4 кон крајот на авгус“, додаде Сапожников.
Учесникот од Македонија би се барал меѓу Вардар – еден од основачите на оваа лига и шампионот Еурофарм Пелистер, кој беше учесник минатата година во септември на „Купот на пријателството“ во организација на СЕХА лигата.