- Поранешниот ракометар на Вардар, Андреј Добрковиќ, кој дресот на „црвено-црните“ го носеше минатата сезона, но не добиваше голема минутажа, во продолжението од натпреварувачката сезона 2023/24 ќе настапува за унгарскиот суперлигаш Дабас. Средниот бек во Унгарија ќе има можност да напредува на високо ниво, со оглед на тоа што тамошната лига е една од поквалитетните на европско тло. Црногорецот пред да пристигне во Вардар настапуваше во академијата на Целје. Добрковиќ во Дабас ќе игра заедно со екс членот на Металург, Златко Хорват.
- Довчерашниот член на Охрид, Ерај Каракоч, реши да се врати во Турција и да ги засили редовите на амбициозниот тим Депсаш. Турскиот репрезентативец и Охрид кон крајот на минатата година спогодбено го раскинаа договорот и секој реши да си продолжи по својот пат. 23-годишниот среден бек иако имаше понуди од други клубови, сепак, беше решен да направи камбек во својата татковина. Каракоч во својата кариера настапуваше и за тимот на Трабзон.
- Француската репрезентативка Тамара Хорачек од следната сезона ќе го носи дресот на словенечкиот првак Крим. Токму во клубот од Љубљана својата кариера започна да ја гради мајката на Тамара, Весна Хорачек, која со Крим во сезона 2001/02 се радуваше на трофеј во Лигата на шампионите. Раководството на Крим и Хорачек постигнаа договор, кој ќе биде со важност до 2026 година, а ќе стапи на сила од ова лето. 28-годишната ракометарка зад себе има забележителни успеси, посебно на репрезентативно ниво. Со Франција го освои златото на Светското првенство минатата година, додека на Олимписките игри во 2016 со „триколорите“ се радуваше на сребро. Во својата колекција на медали има уште едно сребро, од Мундијалот во 2021, како и бронза од континенталниот собир во 2016.
- Српскиот интернационалец Никола Ивановиќ од романската Баја Маре ќе се пресели во Полска и ќе ги брани боите на Горњик Забже. Десниот бек претходната сезона беше дел од Татран Пршеов и неговите одлични настапи во дресот на словачкиот тим беа причина да направи трансфер во Баја Маре. Ивановиќ својата интернационална кариера ја започна токму во Македонија, во сезона 2018/19 играше за тогаш амбициозниот проект Еурофарм Работник. Горњик Забже по 17 одиграни кола во шампионатот на Полска се наоѓа зад Висла Плоцк и Келце, со 34 поени е позициониран на 3. позиција и има големи шанси следната сезона повторно да игра во Лигата на Европа.
- Кадетен Шафхаузен во следната сезона ќе биде посилен со искусниот ракометар од Шпанија, Хуан Кастро Алварез. 33-годишниот ракометар најголемиот дел од својата кариера го мина во Адемар Леон, клуб кој поради финансиски проблеми се наоѓа пред банкрот. Во Асобал лигата има постигнато околу 1.000 погодоци и зад себе има интернационално искуство. Средниот бек во сезона 2016/17 настапуваше во францускиот шампионат, поточно во екипата на Кретеј. Во Кадетен Шафхаузен моментално настапува неговиот сонародник, екс вардарецот Жоан Кањелас.