Тимот на Вардар Неготино со петмина новајлии се подготвува за суперлигашкиот плеј-аут, а последното ново име дојде од тимот на Струга.
Станува збор за средниот бек Петар Бугариновиќ, кој веќе тренира под водство на тренерот Игор Котевски.
Бугариновиќ имаше одлични партии минатата сезона, во есенскиот дел од актуелната сезона имаше проблеми со повреда, но сега е подготвен за новиот предизвик.
Српскиот интернационалец освен за Струга играше за босанскиот тим Леотар Требиње, како и за Црвена Ѕвезда, Морава и Смедерево.
Претходно Вардар Неготино ги донесе голманот Даниел Ацев, десното крило Филип Трајанов, пивотот Андреј Митиќ, како и средниот бек Велимир Грујовски.
Неготинци ќе стартуваат без бодови во плеј-аутот, но разликата со Еурофарм Пелистер 2 и Голден Арт е само три бода, па претстојат интересни битки за опстанок.