Дисциплинската комисија во Ракометната федерација на Македонија по цел месец и половина донесе одлука за случувањата по мечот меѓу Тиквеш и вицепрвакот одигран на 16 декември минатата година, кој го добија гостите со 25-23.
Кавадаречкиот клуб е казнет со висока парична казна од 90.000 денари, но и суспензија на теренот во „Јасмин“.
За време на натпреварот по некои судиски одлуки, од публиката на теренот завршија неколку монети и запалки.
Новиот тренер Раде Стојановиќ ќе дебитира пред празни трибини на мечот со Струга, бидејќи Тиквеш е казнет да одигра еден натпревар без публика.
Kaвадарчани се казнети според членовите 18 и 106 од Дисциплинскиот правилник на РФМ.
Тиквеш ќе стартува со два бода во разигрувањето за титулата, во првото коло ја пречекува Струга, но на теренот во Кавадарци нема да и биде лесно на ниту една од гостинските екипи.