Германците ја оправдаa фаворитската улога, која им ја дадовме пред почетокот на натпреварот и уште од стартот покажаа „кој е кој“ на теренот. Ние секако сакавме да одиграме подобро, но на денешниот дуел, против еден квалитетен ривал не успеавме да го покажеме тоа. Тешко е да се направи анализа за натпревар, во кој нашата репрезентација имаше дури 20 технички грешки, сите тие грешки ги казни домаќинот. Малку е зачудувачки што на трето големо натпреварување во низа, играат едни исти играчи во напад, и токму поискусните направија најмногу грешки – Филип Кузмановкси, Томислав Јагуриновски и Филип Талески во малата минутажа која ја имаше.
Децата кои се помлади и понеискусни играа послободно, беа повеќе помотивирани и повеќе покажуваа борбеност на теренот како Марко Митрв, Милан Лазаревски, Петар Атанасијевиќ, потоа Ненад Костески, кој игра и во Лигата на шампионите, и потврди дека е иднината на Македонија. Многу позитивно за нас како ракометна нација е тоа што на ова Европско првенство добивме два играчи во името на Милан Лазаревски и Марко Митев.
На стартот на натпреварот Лазаров проба со 5-1 во одбрана, но тоа не донесе резултат, видовме како Германија лесно доаѓаше до голови, посебно од позицијата пикер. Со таа одбранбена зона не може да се игра против една Германија. До 15 минута, со направените технички грешки резултатот беше 9:4 во корист за домаќинот, потоа Лазаров побара тајм-аут, смени стратегија со играта 7 на 6 и со 6-0 во одбраната, тоа подобро функционираше во однос на првиот натпревар со Франција, но примивме дури 15 голови од брза транзиција, голови од контри и полуконтри, не можевме ни да се поставиме во одбрана, ни нешто да запреме. На два натпревари веќе имаме 40 технички грешки, што е секако недозволиво.
Не чека дуелот со Швајцарија, иако одигра реми со Франција, тоа не треба да не демотивира, мислам дека доколку се намалат техничките грешки, доколку ја подобриме одбраната и голманите имаат свој ден, тогаш имаме шанси против Швајцарија. Не треба да се разочаруваме после овој пораз, треба да го дадеме максимумот, да победиме, со цел да добиеме полесен бараж противник за пласман на Светското првенство 2025, тоа е многу важно за нас, за да не го изгубиме континуитетот на големите натпреварување, денес сите играат ракомет.
После завршувањето на ЕП можеме да размислуваме што треба да смениме, има некои играчи од поширок список кои чекаат своја шанса, на некои треба да им се заблагодариме. Јас повторно ќе го споменам Емилијан Ѓорговски, тој треба да добива повеќе шанса во Еурофарм Пелистер, тој за мене беше најголем талент, исто така и Павле Атанасијевиќ, двајцата не ни играат во Лигата на шампионите, тука е и Манасков, доколку најде клуб, одличниот Серафимов за кој мислам дека е најдобар напаѓачки десен бек во Македонија, би го спомнал и круѓжниот напаѓач Марко Стојковиќ, кој беше форсиран, но го немаше на ова Европско првенство.
Треба да одиме со сите сили да ја победиме Швајцарија, можеме да ја победиме, имаме шанси, имаме и позитивен скор од меѓусебните дуели со нив, мислам дека тие во дуелот со Франција многу се истрошија, посебно главните играчи Шмид и Рубин, се надевам дека со наша подобра реализација, со многу цврста одбрана, како и со помалку технички грешки, ќе ја победиме Швајцарија, па потоа ќе размислува што понатаму. Шансите се 50-50.
*Горан Андоновски е поранешен репрезентативец кој настапи за Македонија на првото учество на Европските првенства во Италија во 1998 година. Во играчката кариера настапуваше за Охрид, Преспа Јафа Промет со која играше во Лигата на шампионите, Пелистер, Вардар…Во тренерската кариера го водеше Охрид до место во Европа, а беше дел и од кавадаречки Тиквеш, пред да се врати во родниот град.