ЕП 2024: Група Ц – Секој може да победи секого, возбудувањата се загарантирани

Од 10 до 28 јануари Германија ќе биде домаќин на Европското сениорско првенство во машка конкуренција. Гледачите во Минхен, Берлин, Хамбург, Келн, Манхајм и Диселдорф ќе имаат можност да ги видат мајсториите на најдобрите ракометари. 24Ракомет ви ги претставува учесниците на претстојното ЕП...

ГРУПА Ц (МИНХЕН)

Градот Минхен и „Олимпијахале” ќе бидат домаќини на групата Ц од Европското првенство кое од 10 до 28 јануари ќе се одржи во Германија. Оваа група се очекува да понуди драматични натпревари, ако се знае дека во неа се двете балкански држави Србија и Црна Гора, фанатичниот Исланд и секогаш незгодната Унгарија.

СРБИЈА

Србија со големи амбиции пристигнува на ЕП во Германија. Репрезентацијата која во деведесеттите беше големо име во светскиот ракомет, во новиот милениум не беше ниту бледа сенка на онаа од минатото. Иако скоро редовно се пласираше на големите натпреварувања, Србија имаше катастрофални пласмани на истите. Ракометната јавност во оваа земја беше во чудо бидејќи Србија секогаш располагаше со голем фонд на ракометари од светска класa кои играат важна улога во своите тимови, но во националниот тим не беше така. Само ЕП во 2012 година на кое Србија беше домаќин, беше исклучок. На крилјата на своите навивачи „орлите“ стигнаа до финалето, претходно елиминирајќи ја големата Хрватска во полуфиналето. Данска беше преголема пречка за златото, но и покрај тоа Србија успеа да го забележи најголемиот успех на големите натпреварувања освојувајќи сребрен медал. После тој успех се редеа катастрофални пласмани, па српскиот ракометен сојуз решава да направи промени. На местото селектор поставен е Шпанецот Тони Херона и се чини беше направен вистинскиот потег. Атмосферата во репрезентацијата се дигна на повисоко ниво, а Србија почна да игра модерен ракомет и што е најважно да победува големи ракометни имиња. Ова првенство влегуваат со големи амбиции, да докажат дека имаат квалитет да се носат со кремот на европскиот ракомет. Групата им е по мерка, можат да се надигруваат со секого, но играта на паркетот треба да покаже колку е кадарна оваа репрезентација за големи дострели.

Ударна сила на Србија ќе биде голманското дуо Цупара-Милосављев кое важи за едно од најдобрите на ЕП. Крилните позиции се пополнети со искусни имиња како браќата Илиќ и ракометарот на Еурофарм Пелистер, Радивојевиќ. Надворешната линија има имиња како Ѓорѓиќ, Борзаш, Кукиќ, Орбовиќ и младиот Кос, надополнети со искусниот Абутовиќ во дефаниза. Репрезентација која нема да биде лесен плен за никоко и доколку и се поклопат коцките може да биде пријатно изненадување на ЕП.

Подготвителниот период Србија ќе го искористи настапувајќи на турнирот во Гранољерс каде запишаа победа над Словачка, а пораз од Полска, пред двобојот со Шпанија (6 јануари).

Селектор: Тони Херона
Клучни играчи: Дејан Милосављев (голман), Лазар Кукиќ (среден бек), Петар Ѓорѓиќ (лев бек)

Распоред на натпревари:
12 јануари, 18:00, Исланд-Србија
14 јануари, 20:30, Србија-Унгарија
16 јануари, 18:00, Србија-Црна Гора

ИСЛАНД 

Исланд е територијално мала, но ракометно голема земја. Популарните “рибари” живеат за ракометот и го имаат докажано тоа многупати низ историјата. Од почетоците на Европското првенство Исланд не беше учесник само на првите три (1994, 1996 и 1998 година), за во 2000 да го забележи своето деби на Европските првенства и оттогаш станува редовен учесник до денес. Единствениот медал на европските првенства исланѓаните го имаат на ЕП во Австрија 2010 година, кога во борба за 3 место ја совладаа Полска и се закитија со бронзата.

На ова Европско првенство Исланд ќе допатува со „интернационален“ состав, односно со девет ракометари кои настапуваат во Бундес лигата која важи за најсилна ракометна лига на светот. Добра вест за селекторот Снори Гудјонсон е учеството на најголемата исландска ракометна ѕвезда Арон Палмарсон. И покрај тоа што се врати на Исланд и ја продолжи кариерата во домашната лига, не треба да се трошат зборови за тоа колкаво значење има присуството на Палмарсон во репрезентацијата. Со него во тимот Исланд е кадарен да и ги замрси сметките на секоја репрезентација која ќе му застане на пат. Во тандем со Гисли Кристјансон, Омар Магнусон, легендарниот Густавсон на голот, Арнарсон на линијата од шест метри, Исланд е репрезентација која несомнено ќе презентира брз и атрактивен ракомет.

Исланѓаните на 6 и 8 јануари ќе одиграат два пријателски натпревари со Австрија како дел од подготовките за ЕП во Германија. На 12 јануари во рамките на првото коло од групата Ц ќе се сретнат со репрезентацијата на Србија.

Селектор: Снори Гудјонсон
Клучни играчи: Арон Палмарсон (лев/среден бек), Гисли Кристијансон (среден бек), Сигвалди Гудјонсон (десно крило)

Распоред на натпревари:
12 јануари, 18:00, Исланд-Србија
14 јануари, 18:00, Црна Гора-Исланд
16 јануари, 20:30, Исланд-Унгарија

УНГАРИЈА

Унгарците како никогаш досега со лимитиран состав пристигнуваат на ЕП во Германија. Земјата која многу вложува во ракометот, не може да се пофали со некои позначајни резултати на репрезентативен план, посебно не на Европските првенства каде најдобриот резултат го има далечната 1998 година (ЕП Италија) каде го освои седмото место.

Селекторот Чема Родригез има големи главоболки пред ЕП бидејќи голем дел од ракометарите го откажаа настапот. На ова ЕП Унгарија ќе остане без помошта на одличниот Миклер на голот, а селекторот Родригез го изостави од списокот и искусниот Мартон Секељ. На средната бековска позиција отпадна и Адам Јухас, додека поради приватни причини ова ЕП ќе го пропушти десното крило Педро Родригез.

Движечка сила на Унгарија на ЕП се очекува да бидат искусните ракометари како Мате Лекаи, Ричард Бодо, Габор Анчин, Бенце Банхиди…

Чешка е противникот со кој Унгарија ја темпира формата пред настапот на ЕП, а на првиот натпревар Унгарците загубија со 26-25. Вториот натпревар се игра на 6 јануари, но е од затворен тип. Унгарија го стартува ЕП на 12 јануари во дуелот со Црна Гора.

Селектор: Чема Родригез
Клучни играчи: Мате Лекаи (среден бек), Бенце Банхиди (пикер), Ричард Бодо (лев бек)

Распоред на натпревари:
12 јануари, 20:30, Унгарија-Црна Гора
14 јануари, 20:30, Србија-Унгарија
16 јануари, 18:00, Исланд-Унгарија

ЦРНА ГОРА

Црна Гора со нов селектор на клупата ќе допатува на ЕП во Германија. Хрватот Владо Шола го замени Зоран Рогановиќ на селекторското место, и ќе се обиде да ја продолжи успешната работа на својот претходник кој воведе доста позитивни работи во црногорскиот национален тим. Доведувањето на Шола влијаеше на уште една промена во репрезентацијата, а тоа е враќањето на црногорскиот бомбардер Вуко Борозан кој по шест години пост поврторно ќе го облече црногорскиот дрес.

На списокот на Шола се двајца повратници – Стеван Вујовиќ и Немања Грбовиќ (Вујовиќ отпадна на последното кратење), а покрај нив тројца има многу ракометари што играле во Македонија како Никола Матовиќ, Мирко Радовиќ, Вук Лазовиќ, Божо Анѓелиќ, Василије Калуѓеровиќ, Ристо Вујачиќ.

Црна Гора веќе одигра еден пријателски натпревар против Македонија на кој беше поразена со 54-51, а беше поразена од Хрватска и Словенија на „Кроација Куп“ во Пореч. На ЕП е во тешка група со Србија, Исланд и Унгарија.

Црногорците својот прв натпревар на ЕП ќе го одиграат на 12 јануари против селекцијата на Унгарија.

Селектор: Владо Шола
Клучни играчи: Небојша Симиќ (голман), Бранко Вујовиќ (десен бек), Mилош Вујовиќ (лево крило)

Распоред на натпревари:
12 јануари, 20:30, Унгарија-Црна Гора
14 јануари, 18:00, Црна Гора-Исланд
16 јануари, 18:00, Србија-Црна Гора