Репрезентативецот на Јапонија, Хироки Мацуока, ќе биде вториот Јапонец што ќе игра во македонското првенство, по Косуке Јасухира, кој го носи дресот на Вардар.
Довчерашниот член на Брно пред извесен период потпиша за Охрид и во тимот на Стевче Алушовски ќе настапува најмалку до 2025 година.
За младиот ракометар интерес покажаа многу европски екипи, но охриѓани ја добија битката за негово ангажирање.
Средниот бек во разговор за клупската страна на Брно истакна дека е премногу задоволен од престојот покрај Охридското езеро.
Новиот играч на Охрид пред да дојде во Македонија се подготвувал да научи нешто на македонски јазик, во тоа му помагал екс играчот на Прилеп, Никола Секулиќ.
,,Се чувствувам многу удобно во новата средина, моите нови колеги веднаш ме прифатија. Секако, на почетокот ми беше многу тешко, бидејќи морав да почнам да учам странски јазик за прв пат во животот. Пред мојот трансфер во сѐ ми помагаше Никола Секулиќ, кој ми беше професор. Би сакал да му се заблагодарам за тоа. Жал ми е што си заминувам од Брно, но од Македонија добив понуда која не можев да ја одбијам”, изјави Мацуока.
Ново име во Охрид ќе биде и повремениот репрезентативец на Црна Гора, кружниот напаѓач Адмир Пелидија.
Јапонски репрезентативец ги засили редовите на „гладијаторите“