Јанкуловска: Го послушавме селекторот и сè што договоривме ни успеа

Македонската женска репрезентација со победа над Србија го започна настапот на „Трофеј Македонија“ во Охрид. За Ангела Јанкуловска овој турнир претставува нов почеток и можност екипата подобро да се запознае со барањата на новиот селектор Игор Марковиќ.

Во составот на Македонија нема многу промени, а по едногодишната пауза во националниот тим се врати и Сара Ристовска. Според Јанкуловска, најголемата промена е доаѓањето на Марковиќ, иако основата на системот останува слична.

„Ова е нов почеток за нас. Речиси истата екипа сме веќе подолго време, со неколку стари-нови ракометарки. Конечно, по една година, ни се врати и Сара. Најголемата промена е новиот селектор, но нашиот систем на игра останува речиси ист“, изјави Јанкуловска.

Македонските ракометарки имаа малку време за заедничка работа пред почетокот на турнирот, но максималниот пристап на тренинзите донесе позитивен резултат уште на првиот натпревар.

„Имавме многу малку тренинзи за да се подготвиме за турнирот, но сите девојки максимално се вложивме. Мислам дека добро го отворивме натпреварот и сите дадовме сè од себе. Го послушавме селекторот и, искрено, сè што договоривме и применивме ни успеа.“

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 24 Rakomet (@24rakomet)

Јанкуловска смета дека дисциплинираната игра била една од главните причини за победата над Србија.

„Само во мал дел од натпреварот не бевме доволно дисциплинирани. Во најголем дел го почитувавме договореното и затоа на крајот дојде позитивниот резултат.“

Македонската репрезентативка верува дека екипата има потенцијал дополнително да напредува, но за тоа ќе биде потребно повеќе време и повеќе заеднички тренинзи со новиот селектор.

„Победата е резултат на нашата добра и сплотена игра. Мислам дека имаме голем потенцијал и можеме многу да напредуваме, но потребни ни се повеќе тренинзи со новиот селектор.“

Успешниот почеток е дополнителна мотивација пред следните два натпревари на турнирот во Охрид.

„Ова е добар почеток и дополнителна мотивација за нас. Ќе видиме како ќе одиграме на следните два натпревари. Мислам дека сме добра екипа, а овој турнир е голем плус за подобро да се воиграме и да се запознаеме со селекторот“, заврши Јанкуловска.

Победнички старт за Марковиќ – Македонија по 18 години се израдува на триумф против Србија

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾