Сара Ристовска по подолга пауза повторно го облече репрезентативниот дрес и веднаш беше прогласена за најкорисна ракометарка на натпреварот против Србија. Македонија со победа го започна настапот на „Трофеј Македонија“ во Охрид, 29-21 а искусното десно крило не го криеше задоволството од успешното враќање.
Ристовска зад себе има тежок период поради повредата, но на првиот натпревар по враќањето покажа колку е значајна за македонската репрезентација.
„По долгата пауза и тешката повреда што ја имав, навистина сум среќна што повторно сум тука. Знаевме каков натпревар нè очекува и влеговме без никакво потценување. Знаевме дека Србија настапува во подмладен состав. Примивме премногу голови, но многу сум задоволна и среќна поради победата“, изјави Ристовска.
Македонија на турнирот ја очекуваат уште два сериозни теста против Хрватска и Црна Гора. Според Ристовска, тие натпревари ќе покажат до каде е репрезентацијата во подготовките за Европското првенство во декември.
„Сега нè очекуваат големи тестови против Хрватска и Црна Гора. Тоа ќе бидат сериозни предизвици, бидејќи двете репрезентации во Охрид пристигнаа со силни состави. Овие натпревари ќе бидат добра проверка пред Европското првенство.“
Искусната македонска репрезентативка верува во потенцијалот на екипата. Пристигнувањето на новиот селектор Игор Марковиќ, според неа, донело свежина, нови идеи и дополнителна енергија во националниот тим.
„Верувам во оваа репрезентација. Имаме нов селектор, нови идеи и новитети во играта, а тоа е многу важно. Во репрезентацијата се чувствуваат свежина и млад дух.“
Ристовска посебно се осврна на помладите ракометарки, кои постепено треба да ја преземат одговорноста и да станат носители на играта на Македонија.
„Како што им велам на девојките, ова е помлада генерација која треба да нè наследи нас, поискусните. Ние нема да играме уште десет години. Тие треба многу да вложуваат во себе, а сите луѓе околу нив кои веруваат во ракометот треба да веруваат и во овие девојки и да им ја дадат потребната поддршка.“
Ристовска секојдневно тренира со младите репрезентативки и одблизу ја гледа нивната желба да се докажат во националниот дрес.
„Секој ден го поминуваме заедно и знам колку вложуваат, колку го сакаат ракометот и колку им значи тоа што се дел од македонската репрезентација“, заврши Ристовска.
Победнички старт за Марковиќ – Македонија по 18 години се израдува на триумф против Србија
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

























