Црногорската репрезентативка Ѓурѓина Јауковиќ во последните секунди го постигна голот со кој нејзината селекција стигна до реми против Хрватска, 20-20, на стартот од „Трофеј Македонија“ во Охрид. Беше една од најдобрите на теренот и заслужено избрана за МВП на средбата.
Црна Гора имаше предност во поголемиот дел од натпреварот, но не успеа да го реши победникот. Хрватска направи пресврт во завршницата и беше блиску до триумф, пред Јауковиќ да ја преземе одговорноста и да погоди за конечните 20-20.
И покрај постигнатиот гол за реми, една од најискусните ракометарки во црногорската репрезентација не беше целосно задоволна од прикажаното.
„Можам да кажам дека не сум задоволна, бидејќи водевме речиси во текот на целиот натпревар. Секако, Хрватска е сериозна репрезентација и во ниту еден момент не успеавме резултатски да се одлепиме. Мислам дека највисоката предност беше три или четири гола во првото полувреме, а потоа постојано се играше со разлика од еден или два гола“, изјави Јауковиќ.
Црна Гора на турнирот во Охрид настапува во изменет и подмладен состав. Според Јауковиќ, на екипата ќе ѝ биде потребно време за да ја достигне посакуваната игра.
„Настапуваме во еден нов состав и мора да имаме трпение, особено со младите ракометарки. Многу работи се променети. Одбраната беше на потребното ниво, таа отсекогаш нè красела и ме радува што тоа не се промени и покрај сите промени во екипата.“
View this post on Instagram
Искусната ракометарка истакна дека најголем простор за напредок има во нападот и во транзицијата.
„Во нападот мораме да бидеме многу подобри. Бевме малку неорганизирани во транзицијата, па одлучивме дека е подобро да не трчаме, бидејќи понекогаш ми се чинеше дека не знаеме ниту каде трчаме. Но, тоа е нормално за оваа млада екипа.“
Црна Гора во завршницата можеше да остане и без бод, па затоа Јауковиќ на крајот сепак беше задоволна што нејзината репрезентација успеа да избегне пораз.
„Среќна сум поради ремито, бидејќи можевме и да загубиме. Чувството е поинакво кога натпреварот ќе го завршите со нерешен резултат. Утре играме против Македонија, а потоа и против Србија. Тоа се одлични натпревари како подготовка за Европското првенство и им се радуваме на следните предизвици.“
Последниот напад не бил подготвен специјално за Јауковиќ, но таа не се двоумела кога се отворила можноста да шутира.
„Не беше договорено јас да го изведам последниот удар. Сакам да ја преземам одговорноста, и кога ќе биде лошо и кога ќе биде добро. Ситуацијата едноставно така се отвори, а јас не пропуштам ниту една можност“, заврши Јауковиќ.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

























