Кипријановска: Покажавме дека не може лесно да ни се даде гол

Македонија ја забележа првата победа на „Трофеј Македонија“ во Охрид, откако славеше во дуелот со Србија со 29-21. Една од македонските репрезентативки кои дадоа придонес за победата беше Јована Кипријановска.

Македонската репрезентација уште од почетокот на натпреварот постави цврста одбрана и со агресивен пристап му создаде многу проблеми на противникот.

Кипријановска по натпреварот беше задоволна од прикажаното, но најави дека оваа селекција може да игра уште подобро.

„Влеговме агресивно и покажавме дека не може толку лесно да се влезе во нашата одбрана и не може да ни се даде гол лесно. Мислам дека прикажавме убава игра, а допрва ќе покажуваме што можеме. Имаме добра ротација и најважно е сите да бидеме здрави. Верувам дека ќе следуваат убави резултати од наша страна. Со новиот селектор тоа што го договоривме, го испочитувавме, но имаме уште многу заедничка работа“, изјави Кипријановска.

Победата над Србија е дополнителен поттик за македонските ракометарки, кои на турнирот во Охрид ја градат формата и ја воигруваат екипата за претстојните предизвици.

Утре следува мечот со Црна Гора од 17:30 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾