ЕП 2024: Група А – Македонија и Швајцарија во друштво на два „џина“

Од 10 до 28 јануари Германија ќе биде домаќин на Европското сениорско првенство во машка конкуренција. Гледачите во Минхен, Берлин, Хамбург, Келн, Манхајм и Диселдорф ќе имаат можност да ги видат мајсториите на најдобрите ракометари. 24Ракомет ви ги претставува учесниците на претстојното ЕП...

ГРУПА А (ДИСЕЛДОРФ/БЕРЛИН)

За македонската ракометна јавност најинтересна ќе биде групата А во која партиципиент ќе биде и македонскиот национален тим. Избраниците на Лазаров немаа среќа во ждрепката за престојното Европско првенство бидејќи за противници ќе имаат две ракометни велесили како домаќинот Германија и секогаш силната Франција. Оваа група ја затвора Швајцарија, противник со кој “црвено-жолтите’ можат да се надигруваат и да стигнат до бодови во групната фаза.

ГЕРМАНИЈА

Германија за првпат ќе ја има честа да биде домаќин на Европското сениорско ракометно првенство во машка конкуренција, а со тоа и дополнително растат секогаш високите амбиции на една од најголемите ракометни нации во светот. Домашниот терен секако ќе биде мотив плус за избраниците на Алфред Гисласон повторно да се вратат на врвот на европскиот ракомет, каде последен пат беа пред осум години на ЕП во Полска 2016 година.

Германците имаа разочарувачки настапи на последните три Европски првенства каде најдобар пласман им беше петтото место на ЕП во Австрија, Норвешка и Шведска во 2020 година. Две години претходно во Хрватска беа деветти, а на последниот собир на најдобрите европски репрезентации кој се одржа во Унгарија и Словачка завршија на седмата позиција. Сепак, кога е Германија во прашање историјата покажува дека секогаш после слабите настапи на големите натпреварувања, директно се враќаат на врвот. Со поддршка на своите верни навивачи кои овојпат ќе бидат нивниот осми играч на теренот, тоа сценарио изгледа реално.

Германскиот селектор Гисласон за ова ЕП се одлучи да направи микс од искуство и младост, па од шампионскиот тим од Полска ќе настапат голманот Вулф, левото крило Руне Дамке, десниот бек Хефнер и пикерот Јаник Колбахер. Новиот бран младинци кои ова лето го освоија младинското СП, треба да даде посебен шмек во играта на германската репрезентација. Голманот Давид Шпат, пикерот Јустус Фишер, десниот бек Ренас Усчинс и средниот бек Нилс Лихтлајн во комбинација со искусните ќе имаат задача да ја вратат Германија на врвот на европскиот ракомет.

Во подготвителниот период пред настапот на ЕП, Германија ќе тестира двапати против репрезентацијата на Португалија, а првиот натпревар го добија не баш лесно со 34-33. Својот прв натпревар на ЕП, Германија ќе го одигра на 10 јануари пред повеќе од 50.000 гледачи, а противник ќе им биде репрезентацијата на Швајцарија.

Селектор: Алфред Гисласон
Клучни играчи: Андреас Вулф (голман), Јоханес Гола (пивот), Јури Кнор (среден бек)

Распоред на натпревари:

10 јануари, 20:45, Германија – Швајцарија
14 јануари, 20:30, Македонија – Германија
16 јануари, 20:30, Франција – Германија

ФРАНЦИЈА 

Франција пред секое големо натпреварување влегува како еден од главните кандидати за освојување на златниот медал. „Триколорите“ со пет освоени одличја (три златни и два бронзени медали) се втора најтрофејна златна репрезентација на Европските првенства, а тој примат ќе се обидат да го оправдаат и на ЕП во Германија.

Во групата А каде за противници ги имаат Германија, Македонија и Швајцарија, Французите важат за фаворити и се очекува во директна борба со домаќинот да одлучат кој ќе биде првопласиран.

Селекторот Гијом Жил на располагање ќе го има најсилниот состав во кој својот настап го потврдија браќата Карабатиќ, Мем, Мае, Ричардсон, Ремили, Пранди, Наи, Турна. Единствено голманот Жерар нема да биде дел од ЕП. Со ваков ростер Франција е еден од главните фаворити за освојување на медал. Првиот натпревар на ЕП ќе го одиграат на 10 јануари на „Меркур Шпил Арена” пред повеќе од 50.000 гледачи, а противник на тој историски натпревар ќе и биде нашата репрезентација.

Во пресрет на ЕП, Франција ќе ја темпира формата преку пријателски натпревари со Тунис и Бразил. Африканскиот ривал беше совладан со убедливи 35-26, а последната проверка пред дуелот со Македонија ќе бидат „кариоките“.

Селектор: Гијом Жил
Клучни играчи: Дика Мем (десен бек), Кентан Мае (среден бек), Лудовик Фабрегас (пивот)

Распоред на натпревари:

10 јануари, 18:00, Франција – Македонија
14 јануари, 18:00, Швајцарија – Франција
16 јануари, 20:30, Франција – Германија

МАКЕДОНИЈА 

Македонската машка ракометна репрезентација по осми пат ќе настапи на Европското првенство. Избраниците на Лазаров немаа среќа во ждрепката, па за пласман во следната рунда ќе мора да се борат со ракометните велесили Германија и Франција, како и против репрезентацијата на Швајцарија.

Најдобриот пласман на Европските првенства нашата репрезентација го постигна на ЕП во Србија 2012 година каде предводена  од селекторот Шундовски го освои петтото место. По смената на одличната генерација Македонија го поминува трнливиот пат на промена на генерациите кој не е нималку лесен. Со својот некогаш најдобар ракометар на теренот, а сега лидер на клупата Кирил Лазаров, Македонија редовно се пласира на големите натпреварувања, но за повторување на најдобрите резултати потребно е време, макотрпна работа и ракометно созревање. Во сегашниот репрезентативен ростер немаме индивидуалци кои отскокнуваат на теренот, па тимскиот дух, борбеноста и пожртвуваноста во одбраната треба да бидат главните елементи во нашата игра. Против Германија и Франција е тешко да се очекуваат чуда, но ракометот е таков спорт во кој доколку верувате во себе и го дадете максимумот за националниот дрес, секогаш може да се дојде до позитивен резултат. Швајцарија, која не е нималку наивен противник, ќе биде најголемата и најреална шанса да стигнеме до триумф во оваа пресилна група.

Македонската репрезентација во пресрет на ЕП во Германија нема проблеми со повредени играчи, па се очекува да настапиме во најсилниот состав. Во текот на подготовките веќе беше одигран еден пријателски натпревар против Црна Гора кој избраниците на Лазаров го добија со 54-51. Против Грција исто така беше забележан триумф со 33-30, а денешниот втор двобој против истиот ривал треба да ја финализира комплетната слика пред заминувањето за Германија.

Нашата репрезентација ќе биде дел од отворањето на ЕП,  каде за противник ќе ја има Франција. Натпреварот ќе се одигра на 10 јануари со почеток во 18:00 часот пред повеќе од 50.000 гледачи на стадионот „Меркур Шпил Арена“ во Диселдорф.

Селектор: Кире Лазаров
Клучни играчи: Никола Митревски (голман), Филип Талески (лев бек), Филип Кузмановски (лев бек)

Распоред на натпревари:

10 јануари, 18:00, Франција – Македонија
14 јануари, 20:30, Македонија – Германија
16 јануари, 18:00, Македонија – Швајцарија

ШВАЈЦАРИЈА

Последен претставник од групата А на престојното Европско првенство е селекцијата на Швајцарија. Добро познат ривал на Македонија и репрезентација со која имаме одиграно многу квалификациски натпревари. Ракометарот кој децении наназад е неприкосновен лидер на Швајцарија е секако легендарниот Енди Шмид кој и на свои 40 години ќе заигра на ЕП. И покрај тоа што годините си го прават своето па Шмид можеби нема да биде на истото ниво, никогаш не треба да се отпише искуството на ветеранот кое може да биде клучно за евентуален успех на Швајцарија. Ако на неговото име ги додадеме и голманот на Магдебург, Никола Портнер, левиот бек на Вецлар, Лени Рубин, левото крило на Лемго, Самуел Зендер, пикерот Лукас Мајстер од Магдебург, добиваме една респектабилна репрезентација која несомнено ќе има што да каже на престојното ЕП во Германија.

Швајцарија имаше добар старт на пријателските средби и убедливо ја победи Романија со 37-31, денеска ќе ги одмерат силите со Босна и Херцеговина, а на 6 јануари со натпреварот против Аргентина ќе го заокружат подготвителниот период пред ЕП во Германија.

Швајцарија на почетокот  на ЕП ќе има тежок тест бидејќи веќе во првото коло треба да се сретне со домаќинот Германија. Натпреварот е закажан за 10 јануари со почеток од 20:45 часот.

Селектор: Михаел Сутер
Клучни играчи: Енди Шмид (среден бек), Никола Портнер (голман), Лени Рубин (лев бек)

Распоред на натпревари:

10 јануари, 20:45, Германија – Швајцарија
14 јануари, 18:00, Швајцарија – Франција
16 јануари, 18:00, Македонија – Швајцарија